Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

Томосот за Автокефалија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија доделен од Српската Православна Црква

Томосот за Автокефалија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија доделен од Српската Православна Црква (06.06.2022 14:52)

„Порфириј, по милоста Божја, Архиепископ Пеќски, Митрополит Белградско-карловачки и Патријарх Српски, со свештените архиереи од Свештениот собор на Српската Православна Црква, на Блаженејшиот Архиепископ Стефан, Архиепископот Охридски и Македонски, согласно осветениот и најсветиот и востановен канонски поредок на најсветата Православна Црква Христова, и посебно во согласност со 34-то правило од каноните на Светите Апостоли, …врз основа на Одлуката на Светиот Архиерејски Собор на СПЦ, под бр. АС 55, Зап. бр. 65, од 7 мај од тековната година, со која се излегува во пресрет на Молбата на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Орхидска Архиепископија (САС, бр. 65, од 18 мај од тековната година), та на Црквата на која се однесува, на автономната и во составот на Српската Патријаршија, ѝ додели канонски статус на АВТОКЕФАЛНА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, та на истата ѝ се благословува, доделува и признава бараниот канонски статус на автокефална православна Црква, со тоа што Соборот во должност на САС на СПЦ ги става разрешувањето на неопходните техничко-организациски прашања, по што Српскиот Патријарх официјално и јавно ќе ја соопшти погорната соборска Одлука, ќе го потпише соодветниот Томос и ќе го достави до сите сестрински автокефални Цркви на усвојување, бидејќи СПЦ не е единствениот фактор за автокефалноста, туку тоа е полнотата на Правословната Црква, заради што е потребна и рецепција од другите православни Цркви.

И, имајќи ги предвид новонастанатите црковно-историски и други околности, а со првенствена цел Христоимениот народ Божји да има што поголема духовна корист и да напредува по патот на спасението, како и управувањето со црковните работи да се одвива без тешкотии, целисходно, и по канонски исправен и благообразен чин, нашата Света СПЦ, како наследничка на древната и славна Пеќска Патријаршија, соборски го благословува, го одобрува, го доделува и го признава автокефалниот статус на црквата Божја во Северна Македонија, која денес се нарекува МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, која е наследничка на древната и славна Охридска Архиепископија, поради што во нејзиниот назив го вклучува и нејзиното чесно име, и која го опфаќа канонскиот простор на претходната и истоимената автономна црква од 1959 година во составот на нашата Српска Патријаршија.

Автокефалноста на новата сестринска Црква е полна автокефалија, тоа значи дека СПЦ не ја условува со одредби кои ја ограничуваат нејзината канонска јурисдикција и пастирската грижа за нејзиниот верен православен народ во матичната земја и во дијаспората.

Истовремено, СПЦ топло препорачува на Блаженејшиот претстојател и Светиот Синод на новата сестринска автокефална Црква, прашањето на своето официјално име да го решава и реши по пат на братски дијалог со елинофонските и останатите помесни православни Цркви.

Светите храмови и манастири, особено великите светињи од Немањиќкиот период и поновиот период на српското присуство, црковното градителство и културното творештво, на тлото на денешната Северна Македонија, како и севкупниот движен и недвижен имот на СПЦ во нејзините граници се отстапуваат на користење на новата сестринска автокефална Црква.

За доказ, потврда и трајно сведоштво на сѐ она што на овој начин канонски е устроено и утврдено, Ние, на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. Стефан, возљубениот во Господа Исуса Христа наш брат и сослужител на нашата смиреност, со сите високопреосветени, преосветени и богољубиви архиереји, собрани околу него, нашите возљубени браќа и сослужители во Духот Свет, го издаваме овој Наш Патријаршиски и Соборски ТОМОС, чиј изворник, точен и неповреден, се чува во нашата свештена Патријаршија.

Се молиме на Бог – на секоја благодат, Кој нѐ повика во Неговата вечна слава, преку Христа Исуса нашиот Господ, со благодатта на Светиот Дух и молитвеното застапништво на Светата Своја Црква, на нашата најмлада сестринска и автокефална Црква да ѝ го дарува секој благослов и секој добар духовен плод во нераскинлива врска на љубовта и единство со СПЦ и со сите Свети помесни православни Цркви ширум вселената. Нему, секогаш во Троица прославуваниот, нека е слава, чест, сила и поклонение во веки веков. Амин.

Во Денот, во Патријаршијата Српска во Белград, во Неделата на Светите отци на Првиот Вселенски собор, 23 Мај/5 Јуни 2022 лето Господово,

Архиепископ Пеќски,
Митрополит Белградско-карловачки и Патријарх Српски
Порфириј
претседател на САС на СПЦ

(содржината на Томосот што е поместена погоре е речиси интегрална, и е транскрипција од оригиналниот и автентичен текст, прочитан на заедничката литургија во Белград, кога беше официјално врачен)

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: