Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Ти си Го видел Пребеспочетното Слово како стои од десната страна на Отецот, и лицето си го исполнил со неискажлива светлина, похвало на апостолите и славо на маченивите; со венец си се украсил со каменувањето и си го примил божествениот крај“ (светилен на Утрена на св. апостол, првомаченик и архиѓакон Стефан).   На 09.01.2023 година, денот кога го славиме споменот на светиот апостол, првомаченик и архиѓакон Стефан, во храмот „Св. Никола“ во Вевчани, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игуменот Наум, протоереј-ставрофорите Ристе Ристевски и Игор Никовски, протоереите Митре Попоски и Кирил Јованоски, свештениците Зоран Попоски, Ристе Наумоски, Горан Ставрески, Димитрија Павлески и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Повод за овој собир во Вевчани беше и Јубилејот на свештеникот Зоран Попоски, кој 40 години им служи на нашата света Црква и на Вевчанската парохија, а по тој повод, Митрополитот Тимотеј го произведе свештеникот Зоран Попоски во протоерејски чин. Од името на Митрополитот Тимотеј, свештенството и монаштвото, и на сите верни чеда на нашата Епархија му го честитаме чинот на прота Зоран, со желби и молитви за крепко здравје и долг живот. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост. 

„Ти си Го видел Пребеспочетното Слово како стои од десната страна на Отецот, и лицето си го исполнил со неискажлива светлина, похвало на апостолите и славо на маченивите; со венец си се украсил со каменувањето и си го примил божествениот крај“ (светилен на Утрена на св. апостол, првомаченик и архиѓакон Стефан).

 

На 09.01.2023 година, денот кога го славиме споменот на светиот апостол, првомаченик и архиѓакон Стефан, во храмот „Св. Никола“ во Вевчани, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игуменот Наум, протоереј-ставрофорите Ристе Ристевски и Игор Никовски, протоереите Митре Попоски и Кирил Јованоски, свештениците Зоран Попоски, Ристе Наумоски, Горан Ставрески, Димитрија Павлески и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Повод за овој собир во Вевчани беше и Јубилејот на свештеникот Зоран Попоски, кој 40 години им служи на нашата света Црква и на Вевчанската парохија, а по тој повод, Митрополитот Тимотеј го произведе свештеникот Зоран Попоски во протоерејски чин. Од името на Митрополитот Тимотеј, свештенството и монаштвото, и на сите верни чеда на нашата Епархија му го честитаме чинот на прота Зоран, со желби и молитви за крепко здравје и долг живот. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христос се роди!
Драги браќа и сестри,

Нашиот Спасител Господ Исус Христос ја основа Својата Црква за сите кои ќе поверуваат во Него да бидат спасени преку неа и повторно да се најдат во Царството Божјо. Основата на самата Црква е Самиот Он и друга основа никој не може да постави. Тој е основниот камен Кој ја поддржува целата величествена градба на Црквата како што е кажано: Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник (Мар. 12, 10).


На Педесетница се изврши тоа чудо, основањето на Црквата, кога Светиот Дух слезе врз учениците на Исуса, и ги исполни со својата сила. Оттогаш Светиот Дух престојува непрестајно во Црквата, за да ја просветлува, пазејќи ја славата на Исуса, да ја закрепува, а тие кои ќе влезат во неа да имаат сила да го преобратат светот во живот.


Не долго по религиозната Педесетница, започна историскиот почеток на Црквата, и светите апостоли, носителите на Светиот Дух, започнаа да ја организираат, за да може да ја извршуваат својата спасителна дејност, како богосоздаден духовен и благодатен организам. Основите на целиот нејзин внатрешен живот, управувачкото устројство, благодатното литургиско мисионерство се создаваат во тоа најрано време од нејзиниот живот. Ете за едно такво собитие, кое има суштествен однос кон неговиот внатрешен живот, се однесува и расказот што го слушнавме во апостолот од книгата Дела апостолски. Тука се раскажува за првиот маченик и архиѓакон Стефан, и за неговата вера, мудрост и сила, зашто тој бил исполнет со Светиот Дух. Стефан бил еден од првите ѓакони, еден од седумтемина, кои апостолите ги предложија на Ерусалимската ерархија и ерусалимските христијани да ги изберат за нивни служители. Врз нив апостолите ги положија своите раце и тие примија благодат да служат како ѓакони и да ги исполнуваат црковните управни задолженија. Такви, покрај Стефана, беа уште и ѓаконите Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармена и Николај.
Стефан бил силен проповедник на словото Исусово, бидејќи проникнал во неговата длабочина и открил во доаѓањето на Исуса исполнување на древните пророштва. Кога тој проповедал во една Ерусалимска синагога, неговите противници не можеле да се носат со неговата мудрост и со Духот со кој зборувал. Против овој силен човек, кој го зголемувал бројот на своите слушатели во мудроста на Христовите зборови, било подигнато обвинение дека хули против храмот и законот и дека ги нарушува старите обичаи. Ништо ново во ова обвинение нема, а што претходно не било кажано против Христа. Но, тој исполнет со вера и со сила преку Светиот Дух, бестрашно произнесувал пред првосвештеникот слово, не само за заштита од обвиненијата од клеветниците туку кажал зборови кои ја разоткривале величината на Исусовата проповед. Тој проповедал дека во Исуса се исполнети древните пророштва и дека е дојдено времето на спасението, кое всушност било обвинение против клеветниците и против тие кои се противеле на богооткриената вистина. Силни биле зборовите на обвинението: тврдоглави и необрезани по срцето и ушите! Вие секогаш му се противевте на Светиот Дух – како татковците ваши, така и вие (Дл. 7, 51). Но, св. Стефан не можел да ја избегне судбината, а и самиот не сакал да ја избегне. Нели Исус не го одбегнал Својот крст, затоа што тој требаше да пострада кога ќе биде распнат за да го искупи со својата смрт човечкиот род.


Против Стефана бил насочен гневот на неговите противници, но тој имал помош од Бога и од Божјиот Син. Кога погледнал кон небото, ја видел отворена небесата и Синот Човечки како седи оддесно на Отецот. Тогаш неговите противници ги затнале своите уши, да не слушаат за славата Исусова, и го извеле надвор од градските ѕидини и го каменувале, а Стефан клекнат на колена се молел: Господи, не земај им го за грев, не знаат што прават (Дела 7, 59), и кога ги кажал овие зборови починал.


Архиѓаконот Стефан е прв маченик на Христовата Црква. Тој ја видел отворена небесата, пред овој голем час на маченичкиот подвиг. Небесата била отворена за сите кои имале мудрост од Исуса и сила од Светиот Дух. Така и до денес, силните и чисти по срце секогаш ги гледаат од Исуса отворените небесата, а така и се во општење со небесниот свет. Се поставува прашањето, која небеса? На верата, на оној Божји свет кој за обичниот свет е секогаш затворен, оној чуден свет кој го надвишува сето она што ние го гледаме и знаеме за нашата планета и несогледливата вселена. Таа е скриениот за нашето познание живот и целта на тоа сознание, таа е светот на духовите, отворен само за тие кои се исполнети со мудрост од Бога и со силата на Светиот Дух. Која е уште небеса? Небесата на доброто, на освештениот закон на љубовта, на совршенството, копнежот на разбудување на човечките срца. Кога тие небеса се отворени, човечкото срце созерцава, односно го созерцава доброто на Божествениот величествен трон, украсен со ореол на љубовта и разгорен од пламенот на совршенството.


За нас верните небесата треба да бидат отворени и да бидеме во постојано општење со Бога, созерцавајќи го Неговото величие и слушајќи го Неговиот глас, глас на мудрата поука, утеха и радост. Примерот на свети архиѓакон Стефан, првиот маченик на Христовата црква, секогаш да ни биде пред нашите очи, та и ние секогаш да се наоѓаме пред отворените Божји небеса. Амин.

 

Св.Стефан
Храм „Св. Никола" Вевчани
09.01.2023 г.

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: