Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Сега ни се јави Спасителовиот Крстител, на пустината красота и печат на пророците, и разумно ги весели мислите на верните, затоа се покажа како Христов Претеча и вистински сведок на Неговото доаѓање. Поради тоа, со духовни песни, заедно да му повикаме на Јована: Пророку и проповеднику на вистината, моли се за нас да се спасиме“ (седален на Утрена на Отсекување на чесната глава на св. Јован Крстител).   Весели се Крстителу, кој го изобличуваш безбожниот Ирод, и на дупите во адот им проповедаш. И оваа година торжествено го прославивме оној за кого Христос кажа дека не се родил поголем меѓу родените од жена. Имено, на 11.09.2022 година, денот кога го празнуваме Отсекувањето на чесната глава на славниот пророк, Претеча и Крстител Јован, во манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски, беше отслуена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот, архимандритите Панарет (од Вселенската патријаршија), Матеј (од Грчката православна црква) и Доситеј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Златко Пуреовски, еромонасите Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Кирил, свештеникот Миле Ангелоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Силуан и Григориј. За прекрасното пеење се погрижија еромонахот Анатолиј и архимандритот Херувим од Грчката православна црква. Оваа торжествена Литургија ќе остане засекогаш во меморијата на ероѓаконот Григориј (Пуреовски), кој од раката на Митрополитот Тимотеј беше ракоположен во еромонашки чин. Од името на Митрополитот Тимотеј, од свештенството, монаштвото и верниот народ, му го честитаме свештеничкиот чин на отец Григориј, со молитви и прозби достојно да врви по избраниот пат. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет, беше осветено коливото и беше прекршен славскиот колач. Пред многубројниот верен народ, со своја пригодна беседа се обрати Митрополитот Тимотеј, а истата ви ја пренесуваме во целост.

„Сега ни се јави Спасителовиот Крстител, на пустината красота и печат на пророците, и разумно ги весели мислите на верните, затоа се покажа како Христов Претеча и вистински сведок на Неговото доаѓање. Поради тоа, со духовни песни, заедно да му повикаме на Јована: Пророку и проповеднику на вистината, моли се за нас да се спасиме“ (седален на Утрена на Отсекување на чесната глава на св. Јован Крстител).

 

Весели се Крстителу, кој го изобличуваш безбожниот Ирод, и на дупите во адот им проповедаш. И оваа година торжествено го прославивме оној за кого Христос кажа дека не се родил поголем меѓу родените од жена. Имено, на 11.09.2022 година, денот кога го празнуваме Отсекувањето на чесната глава на славниот пророк, Претеча и Крстител Јован, во манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски, беше отслуена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот, архимандритите Панарет (од Вселенската патријаршија), Матеј (од Грчката православна црква) и Доситеј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Златко Пуреовски, еромонасите Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Кирил, свештеникот Миле Ангелоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Силуан и Григориј. За прекрасното пеење се погрижија еромонахот Анатолиј и архимандритот Херувим од Грчката православна црква. Оваа торжествена Литургија ќе остане засекогаш во меморијата на ероѓаконот Григориј (Пуреовски), кој од раката на Митрополитот Тимотеј беше ракоположен во еромонашки чин. Од името на Митрополитот Тимотеј, од свештенството, монаштвото и верниот народ, му го честитаме свештеничкиот чин на отец Григориј, со молитви и прозби достојно да врви по избраниот пат. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет, беше осветено коливото и беше прекршен славскиот колач. Пред многубројниот верен народ, со своја пригодна беседа се обрати Митрополитот Тимотеј, а истата ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Денеска го прославуваме светиот пророк и претеча Господов свети Јован Крстител кој проповедал покајание на луѓето и ги учел да веруваат во Оној Кој доаѓа по него. Мисијата на Претечата била поврзана со проповедта на покајанието, зашто без покајание, без сознание за сопствените гревови, човекот е неспособен да го открие своето срце пред Бога. Покајанието е неопходен и прв чекор кон спасение. Покајанието не е само едновремен чекор, туку е должност на човекот во целиот негов живот, од најраната младост, па сѐ до староста. Идеалот на покајанието треба да го води секој наш ден.


Ние секој ден треба да се обраќаме кон Бога со молитва за прошка на гревовите, да не се молиме само механички, според научениот тек, туку од срце да стоиме пред Бога и да ги изнесуваме своите гревови и сето она што сме го направиле во животот. Треба да се подвргнуваме на Божјиот суд за сето она што се случува во длабочината на нашата душа и од Бога да бараме прошка. Само ова е показател дека ние живееме вистински духовен живот. На почеток, покајната молитва може да се покаже како втемелување на вистинската вера. Тоа може да ни одземе само неколку мигови, но постепено може да стане навика и постојано да го следи човекот во текот на целиот живот. Човекот функционира на тој начин насекаде – на улица, на работа и во домот.


Свети Јован Крстител и Претеча проповедал покајание и ги подготвувал срцата на луѓето за да го примат Евангелието. Така, и ние преку покајание ги подготвуваме своите срца за примање на Божјата благодат. Верата постојано е подвргната на различни искушенија. Но, ако ние одвнатре ја храниме и ѝ даваме сила со покајанието, таа станува опитна. Но, што се случува со свети Јован Крстител? Него го почитувал народот. Тој водел аскетски живот – отишол во Јорданската пустина и јадел од тоа што го давала пустината. Во Евангелието се вели дека се хранел со скакулци и див мед (Мт. 3, 4). Тој никогаш не пиел вино. Ги поразувал луѓето со својот аскетски живот, со својата вера и со пророчкиот дар. Многумина доаѓале на реката Јордан за заедно со него да влезат во водите на реката и да испросат од Бога прошка преку искрено покајание.


Но, колку непријатен и страшен бил неговиот крај! Иако свет човек и несомнен авторитет за сиот народ, тој станал жртва на пијаниот управител. Кога би се случило нешто слично во нашите денови, многумина би го користеле тоа за да донесат непријатни заклучоци и да постават прашања: Каде е тука Бог? Каде е правдата? Но, примерот на свети Јован зборува за тоа дека за Бога нема важност овој, туку вечниот живот. За Него сѐ е еден живот. Тоа што се случува во овој живот не е конечно. Инаку целата наша историја би се претворила во бесмисленост. Додека правиме силни човечки дела, борејќи се за подобар живот на земјата, треба да знаеме дека сите наши усилби завршуваат во идниот живот. Сѐ што работиме во овој живот има своја перспектива во вечниот живот.


Свети Јован Крстител и Претеча направил големи дела. Воопшто не мислел за тоа што сѐ тоа може да предизвика. Тој доживеал страшна смрт како плод на веселбата на пијаниот управител. Тоа не бил бесмислен крај на праведниот живот туку голем маченички подвиг. Крај во името на Божјата правда. Крајот на свети Јован сведочи дека нашиот живот овде на земјата, каков и да е, ќе добие вистинска смисла и награда во вечноста. Таму, во вечноста ќе си најде своја конечна смисла за секое дело.


И ние да се обратиме со молитви кон свети Јован Крстител, за тој да ја засили нашата вера. Тој да нè поведе по патот на покајанието. Да отфрлиме сѐ што нѐ оддалечува од правдата и вистината и така да се соединиме со Бога. Амин!


Отсекување на главата на свети Јован Крстител
Бигорски манастир „Свети Јован Крстител"
11.09.2022 год.

 

 

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: