Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

Искажувања на македонските учители во Пиринска Македонија (3)

- Во Горна Џумаја (денешен Благоевград) заминавме околу 90 учители. Бевме многу радосни и горди што токму нам ни беше доверена таа значајна задача. Границата ја поминавме кај Делчево и кога стигнавме во Горма Џумаја бевме навистина восхитени – ни беше приреден неверојатно срдечен пречек од нашите браќа Македонци.

ОСТАТОЦИТЕ ОД ГОЛЕМОБУГАРСКАТА ПРОПАГАНДА МАСОВНО БЕА ЗБРИШУВАНИ

 

kiril-dobrusevski
Кирил Добрушевски

- Во Горна Џумаја (денешен Благоевград) заминавме околу 90 учители. Бевме многу радосни и горди што токму нам ни беше доверена таа значајна задача. Границата ја поминавме кај Делчево и кога стигнавме во Горма Џумаја бевме навистина восхитени – ни беше приреден неверојатно срдечен пречек од нашите браќа Македонци. Се сеќавам дека по повод нашето пристигнување беше одржан и говор на кој се зборуваше за значењето на нашата мисија, остварувањето на вечните мечти на македонскиот народ и братството и единството. Говорничката изрече толку убави зборови за нашите патриотски обврски кон Македонците во Пиринска Македонија, такашто ги распламти  нашите срца, - се сеќава Александар Колемишевски.

Животно интересирање за приликите во НР Македонија

По ручекот во Горна Џумаја, јас и уште четиринаесетина учители заминавме за Свети Врач (сега Сандански). По заповед на горноџумајската областна училишна инспекција заснована врз Указот бр. 231 на Големото Народно Собрание на Бугарија, бев распореден во селото Цапарево (на 30 км. од Свети Врач и на 10 км од нашата граница кај Берово), како прогимназиски учител со основна месечна плата од 8.500 лева.

Во Цапарево пристигнав пешки. Дождот што цел ден паѓаше не ми пречеше што побрзо да се сретнам со учениците и месното население. Кога пристигнав во селото и запрашав каде е училиштето, веднаш ме одведоа. Ме прими директорот на училиштето Никола. Долго во ноќта разговаравме за приликите во НР Македонија и Пиринска Македонија. Тоа го правевме, речиси, секој ден, а кругот на моиоте соговорници се повеќе се зголемуваше.

Мил гостин и на седенките што ги организираа младите

Цапарево имаше 100-150 куќи. Куќите, по групи, беа многу раштркани, а луѓето преку летниот период повеќе живееја на нивите отколку во селото. Но,  учениците редовно ги посетуваа часовите. Во моето училиште идеа ученици и од соедните села Горема, Раздол и некои други. Тие беа вредни и солидни ученици. Особено задоволство беа часовите по македонски литерартурен јазик

и македонска национална историја. Тие многу убаво зборуваа македонски. На тиа деца не требаше многу да им се објаснува што се: тие многу добро знаеја кои се и што се, како што знаеја и зошто се наоѓаат во таква положба.

Мене, особено ме импресионираа седенките што ги организираа младите. Таму, покрај македонски песни што се ореа, водевме разговори, разменувавме мислења за нашата заедничка иднина…

За големата заинтересираност на населението за нашата културно-просветна мисија зборува и фактот што во сите околни села имаше барања да им се држат говори за значењето на Илинденското востание и за НОВ. Многу значајни вистини тие луѓе слушнаа од нас. Токму затоа, немаше ниедна свеченост во Цапарево и во околните села на која не бев присутен и јас. Македонскиот збор тие сакаа што повеќе да се слуша во нивните села. Се сеќавам, на една свеченост во селото Гореме, селаните се обратија до мене да подготвам говор и да им зборувам. Тоа со задоволство и тој пат го направив.

Она што големобугарската пропаганда го правеше со векови, ние го збришувавме за денови

Во моето учиште имаше околу 100 ученици. Но, јас и моите колеги не бевме учители само за учениците. Ние го побудивме интересот за македонскиот литературен јазик и за македонската национална историја и кај целото население. Многу заблуди што беше ги создала бугарската пропаганда беа збришувани. Моите стотина ученици, како и другите стотици ученици на моите колеги во Пиринска Македонија добро сфатија какво зло претрпил целиот македонски народ од пропагаторите на антимакедонството. Тие и денес тоа многу добро го знаат, но … Убеден сум дека, ако останевме уште некоја година, ќе ги дозбришевме сите остатоци на големобугарската пропаганда. Целосно ќе го постигневме она што Бугарите  не го постигнаа со вековни тортури и притисоци врз нашите браќа – Македонци. Но, ние, наспроти бескрајните желби и на Пиринците, сепак, моравме да ја напуштиме Пиринска Македонија. Суровата стварност настаната по Резолуцијата на Информбирото, ги збриша остварливите идеали.

(Продолжува)

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: