Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Богомудри луѓе, соберете се, зашто скинијата на Божјата слава, од Сион се преселува во небесното живеалиште, каде што се слуша чистиот глас на тие кои празнуваат, гласот на радоста неискажлива, на оние кои весело Му пр=еат на Христа: Најпрославен Боже на татковците, и наш, благословен си“ (песна од Канонот на Утрена на празникот Успение на Пресвета Богородица).   На 28.08.2022 година, денот кога го прославуваме празникот Успение на Пресвета Богородица, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонски Брод, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Саше Костадиноски и Зоран Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Уште еден повод за нашиот свечен собир во Македонски Брод, беше и големиот јубилеј 150 години од изградбата на градскиот храм. По тој повод, со свое поздравно обраќање се обрати и старешината на храмот, свештеникот Саше Костадиноски, кој го дарува Митрополитот Тимотеј со архиерејски бастун. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост. 

„Богомудри луѓе, соберете се, зашто скинијата на Божјата слава, од Сион се преселува во небесното живеалиште, каде што се слуша чистиот глас на тие кои празнуваат, гласот на радоста неискажлива, на оние кои весело Му пр=еат на Христа: Најпрославен Боже на татковците, и наш, благословен си“ (песна од Канонот на Утрена на празникот Успение на Пресвета Богородица).

 

На 28.08.2022 година, денот кога го прославуваме празникот Успение на Пресвета Богородица, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонски Брод, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Саше Костадиноски и Зоран Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Уште еден повод за нашиот свечен собир во Македонски Брод, беше и големиот јубилеј 150 години од изградбата на градскиот храм. По тој повод, со свое поздравно обраќање се обрати и старешината на храмот, свештеникот Саше Костадиноски, кој го дарува Митрополитот Тимотеј со архиерејски бастун. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска нашата света Православна Црква прославува еден од големите празници. Овој празник спаѓа во дванаесетте големи празници. Се нарекува Успение на Пресвета Богородица, а некои го нарекуваат и Богородична Пасха. По вознесението на Господ Исус Христос неговата пречиста Мајка останала на земјата без својот возљубен Син. Таа разделба ѝ причинувала големо страдање на нејзината душа. Таа многу жалела за својот Син и Бог. Ние не можеме ниту да замислиме и да си претставиме колкави се нејзините страдања, зашто малку Го љубиме Бога и никогаш не сме Го виделе. Преподобен Силуан Атонски вели: „Човек што ќе се удостои еднаш да се сретне со Христа, а потоа ќе се раздели од Него, е обземен со голема жалост и посакува повторно да се сретне со Него и да го види Неговиот лик". За истово сведочат и други свети отци.


Мајката Божја Го љубела Христа повеќе од сите светии. Нејзината љубов била поголема од пламената ангелска љубов кон Бога. Затоа и нејзините страдања и тагата за Христа биле големи и непоимливи за нас. Преподобен Силуан вели: „Мајката Божја нема оставено писанија ниту за нејзините мисли кон Бога, ниту за страдањето на нејзината душа. Така е зашто ние не можеме да ја постигнеме и да ја разбереме ниту нејзината љубов кон Бога, ниту нејзината тага". Нејзината љубов ја надминувала љубовта не само на луѓето туку и на херувимите и серафимите, кои постојано Го слават Бога.


Во Светото писмо не се зборува многу за Богородица. Така е, зашто таа е повисока од сите, не само во љубовта, туку и во смирението. Токму затоа не сакала да се прославува себеси. Затоа и во Светото писмо е запишано толку малку за неа. Жалоста и болката за разделбата со Христа често ја воделе Богородица во Ерусалим, во Елеонската гора каде за последен пат Го видела Христа пред да се вознесе на небото. Тука таа го поминувала времето во созерцание и молитва. Црковното предание раскажува дека таа се молела на тоа место и барала што поскоро да биде земена од овој свет. Во едно такво молење, архангелот Гаврил ѝ соопштил дека по три дена ќе биде земена од земјата и пренесена на небото. Многу години претходно, истиот архангел ѝ ја донел радосната вест дека ќе Го роди Христа Синот Божји. Сега, пак, ѝ кажал дека повторно ќе се сретне со својот Син во вечноста.


Една од нејзините последни желби била пред успението да ги види апостолите – учениците на Христа. Но, како што знаеме, апостолите биле распрснати по целиот свет и го проповедале Евангелието. Тогаш по молитвите на света Богородица на чудесен начин биле донесени во Ерусалим сите апостоли, освен Тома, и биле околу Богородица. Како што претскажал архангелот Гаврил, на третиот ден, во собата во која престојувала Богородица со апостолите огреала небесна светлина. Низ собата се раширил благоухан мирис. Како да ги снемало ѕидовите и сите Го виделе Христа како со небесните сили доаѓа во голема слава. Апостолите со страв и трепет го гледале големото чудо. Ја гледале душата на Богородица како се одделува од телото и како оди во Христовите раце. Како што некогаш таа Го носела во своите раце како Младенец, сега Тој ја зел во Своите раце и ја искачил во горниот свет. Апостолите биле обезумени од тоа што го виделе. Глетката била слична на Таворската за време на преображението. Откако дошле при себе, го зеле телото на Богородица и го погребале во Гетсиманија. Таму апостолите останале на гробот три дена и три ноќи. На третиот ден дошол апостолот Тома и побарал да се прости од Богородица. Затоа го отвориле гробот, но телото го немало. Таму стоеле само погребните алишта. Апостолите тогаш се помолиле за да им биде откриено што се случило со нејзиното тело. Кога вечерта апостолите вечерале заедно, Пресвета Богородица им се јавила во слава и ги утешила дека не треба да се плашат, туку да се радуваат. Им ветила дека таа секогаш ќе биде со нив. Преку тоа, апостолите разбрале дека таа е вознесена на небото, слично на нејзиниот Син и наш Господ Исус Христос.
Ветувањето што го дала на апостолите, света Богородица го дала и на секој христијанин. Затоа ние постојано ѝ се обраќаме и бараме да се застапува за нас пред својот Син и наш Бог. По застапништвото и нејзините молитви да се избавиме од секакво зло. Да се обратиме и денес кон неа, таа да се застапува за нас и да нѐ води кон Троичниот Бог, сега и во сета вечност. Амин!

Успение на Пресв. Богородица
Храм „Успение на Пресвета Богородица ", Македонски Брод
28.08.2022 г.

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: