Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Како првини на природата, Засадителу на тварта, вселената Ти ги принесува, Господи, Твоите богоносни маченици. По нивните молитви, Многумилостиве, во длабок мир запази ја Црквата Твоја и народот Твој, преку Богородица“ (кондак на Утрена во Недела на Сите светии).   На 14.06.2020 година, во Неделата на сите светии, во манастирот „Сите Светии“ („Си Свети“) во с. Лешани, општина Дебарца, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на еромонахот Вартоломеј, старешина на манастирот, свештеникот Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

„Како првини на природата, Засадителу на тварта, вселената Ти ги принесува, Господи, Твоите богоносни маченици. По нивните молитви, Многумилостиве, во длабок мир запази ја Црквата Твоја и народот Твој, преку Богородица“ (кондак на Утрена во Недела на Сите светии).

 

На 14.06.2020 година, во Неделата на сите светии, во манастирот „Сите Светии“ („Си Свети“) во с. Лешани, општина Дебарца, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на еромонахот Вартоломеј, старешина на манастирот, свештеникот Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска светата Православна Црква ги прославува сите свети угодници Божји кои засветиле со вера и духовни подвизи. Светото Евангелие кое денеска го слушнавме на светата Литургија (Мт. 10, 32-33 и 37-38; 19, 27-30), ни зборува каков пат треба да поминеме во овој живот за да се уподобиме на светиите и да постанеме Божји угодници за да наследиме вечно блаженство во Небесното царство.


Господ Исус Христос вели: „Секој кој Ме исповеда пред луѓето, и Јас ќе го исповедам пред Мојот Отец небесен" (Мт. 10, 32). Нашиот Спасител знаел дека за неговите последователи во овој грешен и суетен свет, нема да биде едноставно да ја проповедаат Вистината и да ја пренесат Славата Божја на човечкиот род, исповедајќи го Господа Христа за Месија, а Неговото учење за божествено. За тоа се потребни големи духовни подвизи и христијанска храброст и голема љубов кон Бога. Тука не е потребно само да се искаже љубовта и верноста кон Господа со зборови, туку е потребно целиот свој живот да го поминеме вршејќи добри дела. Да живееме со љубов, сострадание и милосрдие. Споменатите Господови зборови, на прв план кажуваат дека сме должни со сето срце и со сета душа да веруваме дека Господ Исус Христос е вистински Син Божји и Спасител Кој дојде во светот да го избави народот потопен во грев. Тој заради нас прими страдања, крст и смрт и славно воскресна. Со Неговото, пак, славно Воскресение, Тој ги скрши адските порти и од смртта ги ослободува душите во адот, кои се наоѓале во ропство на гревот.


Затоа ние сме должни секогаш и насекаде до нашиот последен здив, со уста и со дела да го исповедаме учењето Христово пред сите луѓе. Потребно е со себе да ја носиме божествената вистина и да ја пренесуваме на нашите ближни за да ги спасиме и да им го откриеме вистинскиот пат кој води во Царството небесно. Основата на ова исповедање лежи во искрената христијанска љубов. Според зборот на апостолот Лука: „од преполното срце зборува устата" (Лк. 6, 45), или, пак, како што вели апостолот Павле до Римјаните: „со срцето се верува за оправдување, а со устата се исповеда за спасение" (Рим. 10, 10).


Вистински Го исповеда Господа Исуса Христа, оној кој целиот свој живот се сообразува со учењето Христово и живее според заповедите Божји. Вистински последовател Христов е оној кој заради Господа и заради торжеството на божественото учење се откажува од сите земни удобности и ги жртвува овоземните благодети или положби во општеството и други поволности, а и сопствениот живот ако кон тоа го повика Господ. Токму така живееле и мислеле и чувствувале светите апостоли и многубројните угодници Божји, осветувајќи го својот живот во Господа Исуса Христа. Најголемиот подвиг и исповедање се гледа во тоа што до самата маченичка смрт, верните ученици на Господа го проповедале светото Евангелие на луѓето на различни страни и народи, повикувајќи ги да го запознаат вистинскиот Бог.


Светите апостоли, мачениците и преподобните отци, блажените и праведните со ништо не се разликувале од другите луѓе. И тие биле со иста природа и со човечка несовршеност. Според природата и тие биле склони кон грев. И самите биле подложни на болести, страдања, искушенија и земни соблазни. Само над нив се возвисувала вистинската и искрена вера, силната љубов кон Бога и неискажливата желба да станат наследници на блажената вечност во Царството небесно. Преку тоа, и гревот изгубил власт над светиите, кои од сето срце го замразиле злото и се облекле во идеалите на христијанскиот живот. Со тврдата вера и со светоста, светиите Христови на земниот пат ги воплотиле и подражавале зборовите на Спасителот: „Така треба да свети меѓу луѓето вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Кој е на небесата" (Мт. 5, 16).


Да се постигне благодатта Божја може само со носење на својот крст, а не со земни задоволства. Тоа се постигнува со обраќање кон Господа, а сите искушенија, маки и болести, Бог ни ги допушта за наше покајание и очистување на душите. Така, да бидеме со Христа и да одиме по Него. Да се уподобуваме на Неговиот пример и да Го почитуваме како глава и патеводител и како наш божествен Учител и Наставник.


Постојано да се учиме од нашиот Спасител, бидејќи само од Него можеме да нацрпиме знаење и умеење за трпението и воздржувањето од грев, па духовно да растеме. Да сострадуваме и да пројавуваме милосрдие кон ближните. Најважно, пак, е да научиме од Господа сите да ги сакаме. По овој пат оделе сите светии кои од памтивек Му угодиле на Бога и се возвеличени во неискажливата слава на небото. Амин.

Недела на сите светии
Манастир „Си Свети" с. Лешани, Охрид
14.06.2020 год.

 

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: