Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Откако се покажа како љубител на Господа, и крстот го зеде на рамо, си Го следел Него и животот си го завршил; Евангелието си го објавил јасно и вистински, во Охрид си ги просветлил сите народи; затоа, удостоен со божествени венци, си примил смелост, преславен ерарху! Поради тоа те повикуваме: Моли се на Христа Бога, да ни даде прошка на гревовите, нам кои со љубов го празнуваме твојот свет спомен“ (седален на Утрена на св. свештеномаченик Еразмо Охридски Чудотворец).   И оваа Господова година, иако се наоѓаме во вондредни услови, споменот на светиот свештеномаченик Еразмо Охридскиот Чудотворец, свечено беше прославен во манастирот во кој тој се подвизуваше и на Бога Му принесуваше угодни молитви. Празнувањето започна на 14.06.2020 година, во вечерните часови, со празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. 

„Откако се покажа како љубител на Господа, и крстот го зеде на рамо, си Го следел Него и животот си го завршил; Евангелието си го објавил јасно и вистински, во Охрид си ги просветлил сите народи; затоа, удостоен со божествени венци, си примил смелост, преславен ерарху! Поради тоа те повикуваме: Моли се на Христа Бога, да ни даде прошка на гревовите, нам кои со љубов го празнуваме твојот свет спомен“ (седален на Утрена на св. свештеномаченик Еразмо Охридски Чудотворец).

 

И оваа Господова година, иако се наоѓаме во вондредни услови, споменот на светиот свештеномаченик Еразмо Охридскиот Чудотворец, свечено беше прославен во манастирот во кој тој се подвизуваше и на Бога Му принесуваше угодни молитви. Празнувањето започна на 14.06.2020 година, во вечерните часови, со празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. 

 

Празнувањето продолжи на 15.06.2020 година, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше пресечен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. Во оваа прилика, Дебарско-кичевската епархија Охрид им се заблагодарува на сите верници кои го посетија манастирот „Св. Еразмо Охридски“ и се помолија на великиот свештеномаченик, а особена благодарност изразуваме за нивното трпение поради воведените посебни мерки. Истовремено, искажуваме и голема пофалба за културното и достоинствено однесување на сите верници, со што ни помогнаа и нас и оваа година да му изразиме достојна почит на светиот Еразмо. По неговите молитви Господ да нѐ избави од сите искушенија и да ни дарува вечен живот. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


„Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде" (Мт. 6, 33)


Нашиот Спасител Господ Исус Христос ги поучува Своите ученици да не се преоптоваруваат премногу со непотребни работи, бидејќи сѐ во животот се наоѓа во рацете Божји и е потчинето на Неговата света волја. Често нашето време го поминуваме трудејќи се и размислувајќи за работи од овој свет. Во тој наш труд, се соочуваме со многу маки и непријатности, живеејќи со надеж за добивање на минимални добивки и благосостојби. Но, во тој наш труд, честопати знаеме да ги запоставиме основните работи, оставајќи ги на страна. Забораваме да размислуваме за Бога и молитвено да се обраќаме кон божествениот Отец. Секојдневните обврски ја засенуваат грижата за спасение на нашата душа. Затоа сѐ помалку го насочуваме погледот кон светот што не опкружува и не гледаме како Бог сѐ разумно устроил и раководи.


Ете, птиците летаат во небесните височини. Тие ниту сеат, ниту жнеат и не се грижат за потребната храна, а секогаш се сити. И цветовите и тревата и дрвјата се облечени во прекрасни бои, иако воопшто не се грижат за тоа. Тие се облечени толку убаво, бидејќи такви се создадени од Бога. Ако неразумните Свои созданија Бог не ги остава и бездушните растенија кои ги создал ги грее со зраците на создаденото сонце, тогаш колку ли повеќе ќе им ја укаже Својата неискажлива милост и ќе им испрати сѐ неопходно на оние што ги создал како разумни, кои веруваат во Него и кои се трудат и Го благовестат Бога. Затоа и Господ Исус Христос повикува: „Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде" (Мт. 6, 33).


Сосема е неисправно размислувањето на некои луѓе кои оваа заповед ја толкуваат погрешно и велат дека човечкиот труд и грижливост не значат ништо, бидејќи сета работа не зависи од нас, туку од Господа. Ним им е сеедно дали ќе работат или не, дали ќе се одмараат или ќе се трудат, бидејќи, според нив, од Бога зависи кого ќе го награди, а кого ќе го казни. Со ова тие ја оправдуваат својата мрзливост и неработливост. Но, ние знаеме дека Господ не ја осудува трудољубивоста, туку зборува за тоа дека суетните оптоварувања и големите грижи не треба да бидат причина која ќе нѐ оддалечи од патот на спасението. Ние знаеме дека Самиот Господ Исус Христос духовно се трудел и нам ни заповедал да се трудиме и тоа не само за нас, туку и за ближните. Кога Христос вели да бидеме милостиви, да нахраниме гладен, да напоиме жеден, да примиме странец, ни го заповеда токму ова. Ние знаеме дека Господ ги праќа своите ученици на проповед и вели: „Секој работник ја заслужува својата награда" (Лк. 10, 17).


Многумина себеси се сметаат за христијани. Но потребно е христијанството вистински да се живее. Христијански се живее само тогаш кога сите постапки, мислења, очекувања и делувања се мерат со мерката на Господа Исуса Христа, односно со Неговото учење. За тоа се потребни сили да се погледне кон себе, кон сопствената душа, зашто многу е лесно да се падне во искушение. Патот на спасението е тесен и според зборовите на Господа Христа, да се оди по него воопшто не е лесно. Ние можеме многу лесно да отстапиме и да паднеме. Но, потребно е да бидеме исправени војници Христови, за да се спротивставиме на духовните непријатели на родот човечки, кои исто така не спијат, туку го чекаат нашето отстапување и паѓање. Ние сме должни овој пат да го поминеме до крај и да не се вртиме назад. Напред нѐ чека неискажливата награда – блаженство и вечност заедно со Господа, со Богородица и со Божјите угодници.


Ние денеска го прославуваме свети Еразмо Охридски чудотворец. Да се обратиме кон него со искрена молитва за тој да биде наш молитвеник и да не штити на патот кон Царството Божјо. Да ни помогне во нашите секојдневни обврски и грижи, да не го запоставиме главниот пат кон Царството небесно и да не ја занемариме грижата за нашите души. И ние да се удостоиме да бидеме израдувани и наречени чеда Божји, па да бидеме избрани меѓу многубројните, зашто Господ вели: „мнозина се повикани, а малцина избрани" (Мт. 22, 14). По молитвите на свети Еразмо, така нека биде. Амин.


Свети Еразмо Охридски
Манастир „Свети Еразмо Охридски" Охрид
15.06.2020 год.

 

 

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: