Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

Насловна

 

Sample Image

 

Sample Image „Без мене не можете да направите ништо“ вели Словото Божјо, па затоа секоја година во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Драчево на почетокот на новата учебна година на Божествена Литургија на која присуствуваат сите ученици на Богословијата, се извршува чинот призив на Светиот Дух.

Овој чин се извршува за просветување и очистување на срцата и умовите на богословите за да можат преку подвижнички живот и со Божја помош да ја совладаат науката над науките и да дојдат до Богопознание.

На Божествената Литургија во параклисот во Богословијата во Драчево чиноначалствуваше Митрополитот Митрополитот Повардарски г. Агатангел, кој е воедно и ректор на Богословијата, во сослужение Митрополитот Брегалнички г. Иларион и дел од свештениците-професори во Богословијата.

 

 

Sample ImageСо благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Невидлива борба“ од свети Никодим Агиорит. Во оваа книга ќе читате за духовната борба која треба да ја води секој православен христијанин, за скалилата и искушенијата кои треба да ги поминеме при нашето растење во духовниот живот, како и за добродетелите кои треба да ги стекнеме. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на Никола Цилаков.

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Предговор на книгата

Книгата која ја имате пред вас е дело на светиот Никодим Светогорец, монах од XVIII-XIX век. Времето во кое живеел било тешко, под турско ропство, со постојани закани и опасности, присилна исламизација, време во кое православната богословска наука многу заостанала, па дури и сосема замрела во некои краишта. Поради необразованост голем дел од клирот не можел да проповеда, да го шири Евангелието, или да ги разбере делата на светите отци. Никодим завршил образование во Смирна, Мала Азија, но морал да се врати во Наксос, а потоа и на Света Гора каде што примил монашки чин и го дооформил своето богословско образование и духовен опит. Како одличен познавач на латинскиот, францускиот и италијанскиот јазик, почнал да преведува многу книги, па и самиот да пишува. Извршил големо дело за целата Црква со тоа што многу шетал и собирал податоци за мачениците од Турското ропство, па благодарение на него, до нас дошле и житијата на света Злата Мегленска, свети Ѓорѓи Кратовски и многу други свети маченици.

Голема заслуга има светиот Никодим, заедно со другите свети отци од коливарското движење, за обновата на Литургијата, за враќање на древниот поредок во Црквата на редовно причестување. Во тоа време нив ги сметале дури и за еретици, но тие, поткрепени од Божјата благодат и од нивните огромни и длабоки богословски знаења и духовен опит, ги победиле нивните заблудени и неуки противници, и им покажале на сите дека Литургијата и Светата Причест се централен момент во животот на Црквата, во животот на секој православен христијанин. Надвор од Светата Литургија нема христијанство, а со тоа, нема ни спасение.

Исто така, свети Никодим и свети Макариј Коринтски се составувачи на Добротољубието во пет томови, чиј што превод на црковнословенски е направен од свети Пајсиј Величковски, а преводот на македонски јазик го направи блаженоупокоениот архиепископ Михаил.

Книгата „Невидлива борба“ е еден вид продолжување или дополнување на Лествицата на свети Јован Лествичник. Наменета е за монасите, но и за секој верник. Во оваа книга ќе читате за духовната борба која треба да ја води секој православен христијанин, за скалилата и искушенијата кои треба да ги поминеме при нашето растење во духовниот живот, за добродетелите кои треба да ги стекнеме, и искушенијата кои му доаѓаат на секој човек на смртна постела.

Оваа книга е огромно богатство за секој православен христијанин, а тоа ќе го види секој откако ќе ја прочита. Затоа, од длабочината на моето срце, на сите христијани им ја препорачувам оваа мала, но значајна книга, за наше духовно растење, за побезбедно поминување низ искушенијата од секојдневниот живот, за победа над демонските замки, кои како мрежи се распослани над сите нас.

Да читаме, да ја изучуваме верата, а најмногу од сѐ да контактираме со нашите свештенослужители и монаси, со нив да се советуваме, под нивно духовно раководство да растеме и да бидеме редовни на Божествената Литургија. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 

Sample ImageСо благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Моќта на името“. Оваа книга е зборник од текстови од светите отци, како и од современи богослови посветени на Исусовата молитва. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на Станка Бикова.

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Предговор на книгата

Книгата која ја имате пред себе е еден вид зборник за Исусовата молитва. Кога станува збор за оваа молитва, најпрво помислуваме дека тоа е монашко дело, но, откако ќе ја прочитаме книгата, во која се содржат боговдахновените мислења на светите отци, како и од современи богослови, ќе сфатиме дека секој христијанин, без разлика дали има некаков призив во клирот или се работи за обичен верник, е повикан да го исполнува ова свештено дело. Секој од нас е повикан да биде дел од „царското свештенство“, кое во олтарот на своето срце, секојдневно ќе му принесува молитви и воздишки на нашиот Спасител и Господ Исус Христос, како лична жртва, чиста и непорочна, која Бог ќе ја прими во Својот наднебесен и духовен жртвеник, а за возврат ќе ни ја испрати благодатта на Светиот Дух.

Преку молитвата зборуваме со нашиот Бог. Каква привилегија ни дал Бог, да му се обраќаме лично, како деца на својот родител, и пред Него да си го отвориме срцето, пред Него да ги кажеме сите наши маки и страдања. Притоа, да не ја претвориме молитвата во постојано себесожалување и себеоплакување, туку молитвата ни служи за да Го бараме Бог. А Бог е тука, блиску, и нашето срце е Негов престол. Но, колку се грижиме ние за чистотата на нашето срце? Зарем смееме да дозволиме Бог да влезе на нечисто место? „Зашто однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодејства, блудства, убиства, кражби, лакомства, лукавства, пакости, злоби, око лукаво, богохулство, гордост, безумство. Сето тоа зло однатре излегува и го осквернува човекот“ (Марко 7, 21-23). Нема човек без грев и без страсти, но во Црквата Бог ни дал и средства за очистување, за лечење. Имено, светите таинства, покајанието и исповедта, Светата Причест, проследени од постот и молитвата, милостината и простувањето, се најдобрите средства за очистување од сите гревови и страсти. И самата Исусова молитва е токму тоа, исповедање на верата во Спасителот Исус Христос, Синот Божји, но и постојано покајание пред Него.

Каде што нема пост и молитва, таму има дувло на демони – вели светиот Филарет Московски. Исусовата молитва не може да се исклучи од севкупниот живот на верникот, не може да биде одвоена од подвизите и Литургијата на Црквата, не може да се практикува без православно исповедање на верата. Секој обид, да се практикува оваа свештена молитва, надвор од Светата Литургија, или надвор од Православната црква, завршува со тотален неуспех и застранување со умот. Тоа не значи дека треба да се плашиме од молитвата, туку напротив, да се охрабриме, да ја практикуваме, но за ова да ги имаме како предуслов послушноста кон духовникот и кон Светата Православна црква, љубовта кон Бог и кон ближните, смирението и другите добродетели.

Во денешно време, како и во вековите пред нас, сите свети отци алармираат дека нема повеќе добри духовници, кои ја практикуваат Исусовата молитва, па затоа сите ни препорачуваат да се учиме на молитва од делата на светите отци, кои имале големо духовно искуство и постигнале висок степен на духовно растење. Оваа книга ја издаваме токму со таа цел, да се научиме на оваа „уметност над уметностите“, но никако да не го правиме тоа самостојно, без надзор од духовник, оти подобро да сме послушни на духовник почетник, отколку да му бидеме послушни на нашиот опрелестен ум. Заради послушноста кон духовникот, Бог ќе ни испрати благодат и таа благодат ќе нѐ раководи во духовниот живот.

Да читаме, да се молиме, да напредуваме во духовниот живот, да се искачуваме по небесната лествица на добродетелите, секогаш во содејство со Божјата благодат, за наше спасение и за слава на Бога. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 

 

 

 

Sample Image

 

Sample Image На денот на Успението на Пресвета Богородица беше отслужена света Божествена Литургија во храмот посветен на Успението Богородично во Велес, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на бројно свештенство од градот Велес.

Sample Image Во превечерјето, пак, на денот во кој се чествува Успението на Богомајката, во храмот посветен на ова второ воскресение, како што уште се нарекува, Митрополитот Повардарски г. Агатангел со свештенослужители од градот отслужи Вечерна богослужба. На Вечерната беше изложена плаштаницата, на која е изобразено погребението на Пресвета Богородица.

 

 

Sample Image

 

Sample ImageЧествувањето на Успението на Пресвета Богородица во градот Велес, започна на 26. 08. 2020 година, со отслужување на Молебен канон на Пресвета Богородица со читање на Богородичниот Акатист, во црквата посветена на Богородичното Успение. На службата беа осветени петолебија, кои верниците ги принесоа за здравје и благосостојба.

 

 

Sample Image

 

Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Искачување кон воскресение“ од старец Клеопа. Во оваа книга се собрани неговите проповеди пред монасите и верниците. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на Горан Грков.

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Предговор на книгата

Дваесеттиот век ќе остане забележан по многуте промени во светот, многуте војни, немири, несреќи, промена во философијата и психологијата, истовремено се случи и нагло свртување на човекот кон сладострастие и распуштен живот, како последица на отпаѓањето од Бога. Интересен феномен во ова време е Романија и нејзиниот верен народ. Во времето кога насекаде се случуваа војни и прогони кон Црквата, овој бран ја зафати и Романија, беа прогонети многу монаси и монахињи, беа протерани, затворани и убиени многу свештенослужители, но веднаш по падот на безбожниот режим, од крвта и солзите на мачениците и исповедниците на верата, никнаа многу нови верници, нови братства и сестринства, и Црквата темелно се обнови и се изгради најпрво внатрешно, а потоа и надворешно. Власта спроведе прогон, мислејќи дека со тоа ќе ја убие верата во луѓето, дека ќе го избрише Бога од нивните срца, а се случи нешто неочекувано – народот уште повеќе го засака Бога и Црквата и верата кај народот доживеа славно Воскресение.

Еден од најбитните духовници и столбови на прогонетата и маченичка Романска црква е токму архимандритот Клеопа, монах од манастирот Сихастрија. Верниот народ во Македонија добро го знае неговиот лик и дело, преку претходните две книги кои беа издадени со наш благослов, а еве веќе пред нас ја имаме и третата книга, во која се собрани неговите проповеди пред монасите и верниците. Во претходните две книги имавме можност да се запознаеме со неговиот живот, за монашкиот призив уште од најрано детство, за почетокот на монашкиот живот, за прогоните и животот во пустина, во суровите планини во Буковина, па за повторното враќање и обновување на запуштените манастири, како и многубројни поуки за различни теми од духовниот живот и одговори на современи проблеми. Во третата книга, која ја имате пред вас, собрани се неговите беседи на празниците и неделите, како и многу беседи за монашкиот живот, сведоштва за него од неговите современици, како и чудата на старецот Клеопа. Неговата светост и величие им е познато на сите и во Романија и надвор од неа, па затоа и неговите книги веќе се преведени на многу светски јазици, а Романската православна црква веќе собира материјали и се подготвува негово официјално прославување во хорот на светителите.

Голем благослов е да се пишуваат и објавуваат житија на светителите, бидејќи секој кој ги чита, ги добива и молитвите на конкретниот светител, па ете, читајќи ја оваа прекрасна книга од светиот старец Клеопа, да ги имаме неговите благослови и молитви, и со неговото духовно закрилништво да растеме и ние во верата, во духовниот живот, да ја изучуваме и практикуваме верата, да се угледаме на неговата ревност за одбрана на верата, но не како фанатичните почетници и опрелестените своеглави верници, туку да ревнуваме во духовниот живот, а пред сѐ да покажеме и послушност кон своите духовни отци, кон своите архиереи, и кон нашата Света Македонска православна црква, која нѐ раѓа и се грижи за нас од самото наше раѓање, па до преминот во вечноста.

Неговото житие и поуки, како и неговиот благослов нека бидат поттик за многу млади души да го следат неговиот пат, да помогнат во обновата на монашкиот живот во нашата Македонија, да се наполнат нашите запустени манастири со монаси и монахињи, а нивната жртва и молитви ќе го привлечат благословот Божји врз сите нас. По молитвите на светиот старец Клеопа, Господ да нѐ помилува и спаси.

 

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 

 

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: