Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Мудро испитан во воздржување, како злато во огнена печка, се покажа уште посветол, преподобен Прохоре. Затоа премина во Небесното царство. Поради овам со вера славејќи те, викаме: Отче, испроси за нас благодат, милост и очистување на нашите гревови“ (седален на утрена на преп. Прохор Пчински).   На 01.11.2020 година, на споменот на преподобниот отец наш Прохор Пчински, во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

„Мудро испитан во воздржување, како злато во огнена печка, се покажа уште посветол, преподобен Прохоре. Затоа премина во Небесното царство. Поради овам со вера славејќи те, викаме: Отче, испроси за нас благодат, милост и очистување на нашите гревови“ (седален на утрена на преп. Прохор Пчински).

 

На 01.11.2020 година, на споменот на преподобниот отец наш Прохор Пчински, во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Во денешното Евангелско четиво слушнавме како нашиот Спасител Господ Исус Христос, симнувајќи се од планината каде ги избрал Своите ученици и ги нарекол апостоли, слегол на едно рамно место каде се беше собрал многу народ. Тој народ дошол да го слуша учењето на Господа Христа, но исто така, народот со себе донел и многу болни за да бидат излечени, бидејќи народот знаел дека Христос им помага на сите кои Му се обраќале за помош.


Би сакале да посветиме внимание на стихот во кој се вели: „и сиот народ сакаше да се допре до Него" (Лк. 6, 19). За човек да се доближи до некого треба да има повеќе мотиви и желби. Свети апостол Јаков во своето послание вели: „приближете се кон Бога и Он ќе се приближи кон вас" (Јк. 4, 8). Како човек може да се доближи до Бога? Има многу патишта за тоа. Најпрво е потребна вера во Бога. Кој приоѓа кон Бога, мора да има вера во Севишниот. „Кој приоѓа кон Бога мора да верува дека Бог постои" – вели свети апостол Павле (Евр. 11, 6). Тоа значи дека треба да се верува во Бога како во Отец на сите луѓе и Создател на сите битија и појави во светот и животот. Верата е живот во заедница со Бога и во љубов со Него. Во исто време, таа е и живот во љубов кон сите луѓе, бидејќи сите луѓе се деца Божји, а помеѓу себе се браќа и сестри. Верата во Бога е живот и двигател на човековото однесување, дела, навики и карактеристики. Затоа верата во Бога е најважен елемент во приближувањето кон Него. Свети Јован Богослов го запишал зборот Божји, кој вели: „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене" (Откр. 3, 20). Бог е блиску до секој човек, преку Господа Исуса Христа, Кој како Бог стои пред вратата на секое човечко срце и чука. Срце надарено со вера, збогатено со љубов и исполнето со правда и вистина ќе ја отвори вратата на овој небесен глас. Бог не влегува со сила и не ја користи Својата семоќност за да влезе во срцата на душите и луѓето. Бог чека пред вратата, за човекот доброволно да Му отвори и слободно да влезе при него.


Бог чука со Својата благодат. Електричната енергија на благодатта Божја се вклучува во водовите на човековото битие преку верата, надежта и љубовта кон Божјата милост. Од луѓето зависи дали со страв Божји, вера и љубов ќе пријдат кон Бога. Од нив зависи дали сакаат да Му се приближат и да „постанат учесници во вечен живот" (Тит 3, 7), „кој го приготвил Бог за сите кои Го сакаат" (Ј. Кор. 2, 9).


Ние денеска го прославуваме преподобниот Прохор Пчински кој токму така постапувал во својот живот, живеејќи со вера, надеж и љубов во Бога. Подвизувајќи се во XI век во планината Козјак и водејќи испоснички монашки живот, тој уште за време на животот бил удостоен со Божја благодат со која лекувал разни болести и ја претскажувал иднината, јавувајќи им на одредени луѓе што ќе станат во нивниот живот. Така, на еден ловец кој го посетил во неговата пештера, му претскажал дека ќе биде цар и побарал од него тогаш да не го заборави. Откако ловецот заборавил на светиот отец, после 30 г. тој му се јавил во сон и побарал да му подигне спомен, односно храм. Свети Прохор станал многу посилен и помоќен преку неговите молитви откако се преселил во небесната татковина. Тогаш од неговиот гроб потекле многубројни исцеленија на страдалници од разни болести. Токму подвижничкиот и сеоддан живот во Бога, ја привлекла кон него благодатта Божја, со која тој ги надминал сите искушенија во животот и се удостоил за Царството небесно.


Господи, помогни ни и нам, да се приближиме до Тебе и да примиме од Тебе секаков добар дар, благодат и милост, сега и во сите векови. Амин.

 

Свети Прохор Пчински
Манастир „Свети Наум Охридски" Охрид
01.11.2020 год.

 

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: