Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Славното отсекување на главата Претечева беше еден вид Божја промисла, за и на оние во адот да им го проповеда доаѓањето на Спасителот. Затоа нека реди Иродијада, која го испроси беззаконото убиство, бидејќи таа не го возљуби законот Божји, ниту вечниот живот, туку лажниот и привремениот“ (кондак на Утрена на празникот Отсекување на чесната глава на славниот пророк, Претеча и Крстител Јован).   На 11.09.2021 година, денот кога манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир, го слави патронот и заштитникот на оваа наша света обител, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот, архимандритот Доситеј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонасите Макариј, Еразмо, Ефросиниј, Кирил и Анатолиј, свештениците Илија Поп Гонов, Миле Алексоски и Павел Крцоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет, а беше осветено и коливото и се прекрши и празничниот колач. Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу интегрално ви ја пренесуваме. На самиот крај, беше промовирана и новата книга за Бигорскиот манастир, „Иконата на Бистра - Закрилник на православието“, дело на г-дин Киро Кипроски, во која се опфатени многу настани од последниве 25 години од животот на манастирот, пропратени со прекрасни фотографии што сведочат за богатиот живот на истиот. 

„Славното отсекување на главата Претечева беше еден вид Божја промисла, за и на оние во адот да им го проповеда доаѓањето на Спасителот. Затоа нека реди Иродијада, која го испроси беззаконото убиство, бидејќи таа не го возљуби законот Божји, ниту вечниот живот, туку лажниот и привремениот“ (кондак на Утрена на празникот Отсекување на чесната глава на славниот пророк, Претеча и Крстител Јован).

 

На 11.09.2021 година, денот кога манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир, го слави патронот и заштитникот на оваа наша света обител, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот, архимандритот Доситеј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонасите Макариј, Еразмо, Ефросиниј, Кирил и Анатолиј, свештениците Илија Поп Гонов, Миле Алексоски и Павел Крцоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет, а беше осветено и коливото и се прекрши и празничниот колач. Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу интегрално ви ја пренесуваме. На самиот крај, беше промовирана и новата книга за Бигорскиот манастир, „Иконата на Бистра - Закрилник на православието“, дело на г-дин Киро Кипроски, во која се опфатени многу настани од последниве 25 години од животот на манастирот, пропратени со прекрасни фотографии што сведочат за богатиот живот на истиот. 

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Секаде околу реката Јордан се слушала проповедта на Крстителот. Дури и реката Јордан се обновува бидејќи ја гледа убавината на човековата душа каква што била создадена кај првиот Адам. Постојаната молитва на свети Јован и постојаното воздигнување на умот и срцето кон небото ја менувало целата природа. Тој дошол да го подготви патот за оние што оделе кон Изворот на животот. Дошол да јави дека доаѓа прекрасното Сонце, кое го осветлува секој човек што ќе го послуша Претечевиот глас и ќе го подготви својот пат кон покајанието.


Ние ја знаеме историјата за раѓањето на свети Јован Претеча. Долги години Господ не им давал пород на Захариј и Елисавета. Не затоа што тие биле грешни, туку поради сосема друга причина – за да се покаже дека силата Божја се покажува во човечката немоќ. Кога биле угасени сите човечки страсти на телото и кога по човечката логика не постоела никаква можност за пород, тогаш Господ ја исполнил нивната молба и им дал чедо по Својата голема милост. На овој начин Господ си припремил пат за Своето доаѓање во светот.


Јован Претеча, уште во утробата на својата мајка се сретнал со Господа. Тогаш Елисавета ги кажала зборовите: „кога пристигна гласот од твојот поздрав до ушите мои, радосно заигра младенецот во утробата моја" (Лк. 1, 44). Уште нероден, со Јован се случило тоа што не му се дава на секого, туку единствено на оној кој Го сретнал својот Господ и Учител. И дошло време, па Господ на чудесен начин му дал живот на светиот пророк. Родителите брзо по раѓањето на Јован починале. Захариј бил убиен од Ирод во Ерусалимскиот храм, а Елисавета починала брзо откако го однела Јован во пустината. Не е многу тешко да се каже каков бил неговиот живот во пустината и кој го воспитувал. Знаеме со што се хранел во пустината, па токму затоа ни останува да кажеме дека за него се грижела силата Божја.


Кога наполнил триесет години се јавил како проповедник на покајание, громогласно проповедајќи покрај Јордан и крштевајќи ги луѓето со водата на покајанието. Го прашувале: „Кој си ти?". Тој им одговарал: „Јас ве крштавам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ремчињата на обувките Негови: Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган. Нему му е лопатата во раката Негова и Он ќе го очисти гумното Свое, и ќе го собере житото во житницата Своја, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган" (Лк. 3, 16-17).


Кога Јован Го крстил Христа за да се исполни секоја правда, според зборовите на Христос (Мт. 3, 15), тој укажал дека Христос е Јагнето Божјо Кое ги зема гревовите на светот. По овој настан, Јован продолжил да биде громогласен проповедник кој ги изобличувал гревовите, а не луѓето. Покрај другите, тој ги разобличувал и фарисеите и садукеите, повикувајќи ги да донесат плодови достојни за покајание за да го избегнат идниот гнев. Како проповедник на вистината и како пророк и ангел испратен од Бога да го приготви патот на Христа, тој не се плашел да ја каже секоја вистина, не плашејќи се ни од самиот цар Ирод. „Не ти е дозволено да ја имаш жената на својот брат" (Мк. 6, 18) – му велел Јован на Ирода. Ирод имал секаква моќ. Можел да го убие или да го протера, но тој го почитувал Јован и се плашел од казната Божја, па го затворил за да го замолчи. Но, кога Ирод приготвил веселба за својот роденден, Саломија – ќерката на Иродијата особено им угодила на гостите, па тој во пијана состојба ѝ ветил: „Побарај се што сакаш и ќе ти дадам, дури и половина од моето царство". Таа, пак, поучена од својата мајка ја побарала главата на Јован Крстител. Тогаш Ирод наредил да биде погубен свети Јован Крстител и така замолчела устата на човекот кој бил најголем меѓу родените од жена (Мт. 11, 11).


Самиот празник нѐ поучува како гревот го тера човекот да паѓа, го принудува да го убие другиот човек, а преку тоа да се погуби и самиот себе преку вечните маки. Кон тоа води гревот на прељубата. Овој грев е насочен и против семејството и против душата. Не треба да ја заборавиме и другата причина за Иродовиот грев која ни ја кажува денешното Евангелие. Ирод го дал ветувањето дека ќе го убие Јован на гозба, во пијана состојба. Секое пијанство завршува со непријатности. Колку безумни дела се прават во пијана состојба! Пијанството и умниот човек го прави безумен.


Свети Јован Претеча се јавува како последен пророк и прв апостол, прв маченик и исповедник. Тој ни покажал пример како треба и ние да живееме, да ја чуваме верата и како треба да сме предадени на нашиот Божествен Учител и по кој пат треба да одиме за да стигнеме до тивкото пристаниште на царството небесно. Свети Јоване, моли се на Бога за нас грешните, за и ние да примиме рајска наслада, која ти ја почувствува уште во мајчината утроба, а на која сега и се радуваш во небесното царство. Амин!

 

Отсекување на главата на свети Јован Крстител
Бигорски манастир „Свети Јован Крстител"
11.09.2021 год.

 

 

 

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: