Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

Сето тоа... не сум го запазил од младини

Сето тоа... не сум го запазил од младини (11.09.2021 15:54)

Во денешното eвангелие (Матеј 19, 16–26) може да се види како и зошто се одвива актот на самооправдување и какви се последиците од него.

           Слободно можеме да заклучиме дека Христос, како Бог Кој сè знае, последното барање („Ако сакаш да бидеш совршен, оди и раздели го својот имот на сиромаси, па дојди и врви по Мене!“) го постави пред младичот не толку поради тоа што навистина очекуваше од него да го исполни повикот за совршенство (денес – монаштво), туку само за да му покаже дека ги нема исполнето и другите Божји заповеди што тој тврдеше дека претходно ги исполнил.

Ако и претпоставиме дека младичот ги исполнувал заповедите Божји, согласно неговото сведоштво, тој тоа сигурно го правел како оние што „даваат од својот непотребен вишок“, а не како вдовицата со двете лепти, која даде „сè што имаше за својот живот“. Но, таквото исполнување на заповедите не носи духовен развој, туку само високо мислење за самите себе.

Исто така, и аскетско-молитвениот подвиг само во време кога благодатта Божја отворено ни содејствува, а прекин на истиот кога благодатта се сокрива – не нè очистува од страстите и не нè просветлува. Духовниот развој го овозможува само континуираниот аскетско-исихастички подвиг во времето кога Божјата благодат педагошки се крие од нас.

            Дека младичот навистина не ги исполнил заповедите што Христос му ги посочи и не го поминал патот на очистување од страстите и просветлување на умот, покажува и фактот што ние не ги гледаме плодовите на таквиот подвиг, т.е. тој не Го препозна Христос како Господ, ниту на почетокот од разговорот, ниту потоа.

            Без оглед на тоа колку младичот мисли дека настапува искрено или не, случувањето покажува дека него сигурно го поткраднуваат заробеноста од некоја страст и високото мислење за самиот себе, изразени преку големиот грев на самооправдувањето: „сето тоа сум го запазил од младини“, т.е. мнението дека сѐ направил како што треба.

            Страста којашто Самиот Господ ја посочува како главна пречка за очистување и отворање на срцето на младичот е среброљубието: „...оди, продај го имотот свој, раздели го на сиромаси...“ Но, како што знаеме, младичот си отиде нажален, затоа што беше многу богат; затоа што беше заробен и затемнет од страста среброљубие – од надежта, сигурноста и утехата во овоземното.

Неговите зборови: „што ми е уште потребно за да имам живот вечен“, не се ништо друго, освен показател на високото мислење за самиот себе, пример за мнение.

Тоа високоумие и му попречи на младичот да ги забележи прекорот и опомената (со Кого разговара), упатени кон него уште на почетокот од разговорот, што се кријат во, по малку, грубите Христови зборови: „Зошто Ме нарекуваш благ? Никој не е благ освен единиот Бог“.

 Поради таа прелест на мнение (високоумие) и поради страста среброљубие младичот и си оди нажален, мислејќи дека сè направил како што треба, а – ете, останува неразбран и непризнат. Исто како ние кога не го прифаќаме зборот и мислењето на духовниот отец за нас.

            Страстите се тие што го држат срцето заробено и затворено за умно-срдечната молитва, а умот непросветлен. Страстите и демоните, кои секогаш се поврзани со нив, се тие што ги држат луѓето приземјени и неспособни да одговорат на небесниот повик постојано упатен кон нив и да врват по Христос, каде и да оди. Страстите и демоните се тие што ги оневозможуваат и денес луѓето да го видат делувањето на Богочовекот Христос преку духовните отци на Црквата и смирено да ги послушаат; наместо да ги осудуваат и да се самооправдуваат.

            Од друга страна, пак, за греота, најчесто баш такви непросветлени, ама и религиозни социопати, ги опфаќа месијански синдром и потреба за судир со големи авторитети, и затоа, токму нив демонот се обидува да ги искористи за предизвикување поделби меѓу христијаните и ослабување на Црквата во клучни историски моменти. Се препознаваат лесно. Чувајте се од нив!

            Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: