Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

Архиерејска литургија со призив на Светиот Дух

06.09.2020г. „Без мене не можете да направите ништо“ вели Словото Божјо, па затоа секоја година во Македонската православна богословија „Св. Климент […]

06.09.2020г.

„Без мене не можете да направите ништо“ вели Словото Божјо, па затоа секоја година во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Драчево на почетокот на новата учебна година на Божествена Литургија на која присуствуваат сите ученици на Богословијата, се извршува чинот призив на Светиот Дух.

Овој чин се извршува за просветување и очистување на срцата и умовите на богословите за да можат преку подвижнички живот и со Божја помош да ја совладаат науката над науките и да дојдат до Богопознание.

На Божествената Литургија во параклисот во Богословијата во Драчево чиноначалствуваше Митрополитот  Повардарски г. Агатангел, кој е воедно и ректор на Богословијата, во сослужение на дел од свештениците-професори во Богословијата.

Со благослов на ректорот поздравно слово произнесе професорот отец Антонио Апостолоски.

 

Проповед во 13-та недела по Педесетница

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!

 

Ваше Високопреосвештенство, почитувани отци и професори, драги ученици!

Во денешниот евангелски текст ја слушнавме параболата за лошите лозари, којашто Господ Исус Христос им ја раскажал на своите ученици и присутниот народ. Параболи се всушност, кратки, метафорични и поучни раскази со кои Христос се обраќа кон апостолите и народот и им открива големи тајни. Тие се од голема важност за Неговото учење, па затоа Црквата ги користи во богослужбите.

Ако добро го ислушавме Евангелието, ќе забележиме дека домаќинот кој насадил лозје и грижливо го подготвил истото е Господ, а самото лозје го претставува еврејскиот народ. Тој ги одбрал Евреите да бидат Негов народ, ги заштитил од непријателите, Ги хранел со Својата вистина и ги упатувал по Неговиот пат. Откако сѐ уреди премудро, се вели, домаќинот го предаде лозјето на лозарите и си отиде. Лозарите се всушност учителите на народот: фарисеите и книжниците.

Понатаму слушнавме како наближило времето за берење на плодовите и домаќинот ги испратил своите слуги, но кога биле убиени од лозарите, го испратил својот син. Тука под лозарите се мисли на пророците коишто низ целиот Стар завет го укоруваа еврејскиот народ за неговите престапи и беззаконија, но наместо да ги послушаат, тие ги убиваа. А синот, се разбира е самиот Христос, ветениот Месија, кој дојде да го спаси светот. Меѓутоа Евреите не само што не се засрамиле од Синот Божји, та да се покајат за сторените дела, туку тонејќи во гревот, го распнале Христа. Се потенцира во текстот дека тоа се случило надвор од лозјето, бидејќи Господ Исус Христос бил распнат надвор од градот. Тој им ја кажал оваа парабола во вторникот од Страсната седмица, токму пред Неговото распнување, со цел да ги разбуди фарисеите и книжниците за ужасните гревови што ги извршиле во минатото, како и за ужасниот грев што ќе го извршат над Самиот Божји Син.

На крајот од текстот, Христос ги запрашува учениците: „кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?“ И токму во одговорот што го дале учениците се крие смислата на она што се случило по Христовото распнување. Бог ќе ја испрати римската војска на Евреите, како казна, а лозјето ќе го даде на други лозари, односно на апостолите и христијанските учители. Бидејќи под лозје може да се подразбере Светото писмо коешто им било доверено на фарисеите и книжниците, но тие не го запазиле дословно, па затоа подоцна било предадено на незнабожците, со цел тие да ги дадат плодовите навреме. Во последниот стих Спасителот сам се нарекува камен, кој бил отфрлен од ѕидарите, а станал глава на аголот. Имено, Тој по воскресението станува Глава на Црквата, притоа соединувајќи ги јудејците и незнабожците во една иста вера. Тоа е од Господа и чудесно е во нашите очи, затоа што навистина Црквата која што нѐ обединува сите нас, произлегува од самиот Бог и е достојна за восхит поради нејзиното прекрасно уредување. Па така, Царството Божјо, односно близината до Бога, е одземено од јудејците и е предадено на оние што искрено веруваат.

Драги браќа, низ целиот евангелски текст можеме да ги забележиме божјата љубов и трпение, како и Неговата великодушност. За очекување би било Бог да се налути и да ги уништи тие лозари што Му Го зеле имотот и ги убиле Неговите слуги. Но, Тој постојано се обидува да ги придобие, испраќајќи им други слуги. За нас луѓето, Божјата љубов е несфатлива. Ниту еден човек не би го трпел тоа сурово однесување, или пак, не би го испратил сопствениот син да пострада. Не, тоа го прави само Бог! Како што вели светиот евангелист Јован Богослов: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има живот вечен“ (Јован 3, 16).

Ние никогаш не би ја разбрале оваа парабола, доколку самите не се видиме во неа. А на кој начин? Да се запрашаме, како се однесуваме ние во денешно време со нашите ближни? Не ги каменуваме буквално, како што постапиле лозарите со слугите, но, наоѓаме посовремени и попрефинети начини да ги запоставиме. Да ги откачиме буквално, па дури и да даваме празни ветувања. Избегнуваме да правиме добри дела, замижуваме пред маките на ближните. Па така, наместо како христијани да го следиме вистинскиот Бог во делата и да Му се поклонуваме, ние се поклонуваме на сопственото его и нему му служиме. А која е целта во нашите животи, ако не тоа, да Го почитуваме Божјиот Син и да го следиме Неговиот пример? Да се следи простоумно како Господ и во Него да се најде исполнувањето на животот.

Драги ученици, при крајот на оваа моја проповед, ви се обраќам токму вам. Се надевам дека добро го слушнавте денешниот евангелски текст, како и неговото толкување и дека ќе извлечете добра поука. Многу е важно за вас, како млади богослови, да разберете дека не случајно сте овде, во овој расадник на Македонската православна црква, туку сето тоа е по Божја промисла. Во петтата книга Мојссева има едно место каде се вели: „Господ ве избра денес, вие да му бидете верен народ, та ако ги почитувате сите Негови заповеди, ќе му бидете свет народ на Господа“ (5Мојс. 26, 18-19). Ова иако е кажано во Стариот завет, важи и до денес, бидејќи нѐ поучува дека имаме обврска да бидеме свети и соединети со почит. Исто така ни укажува и дека треба да ги почитуваме Божјите заповеди, затоа што тоа е единствен пат за достигнување на светоста. Со доаѓањето на Господ Исус Христос ние добивме одличен пример како да живееме, но и подоцна од апостолите и од светите отци. Нашиот Спасител нѐ учи: „Бидете совршени, како што е совршен Вашиот Отец Небесен“ (Мт. 5, 48). Исто и светиот апостол Павле во посланието до Ефесјаните пишува: „Угледајте се на Бога, како чеда возљубени“ (Еф. 5, 1). Ако сме должни да Го подражаваме Семоќниот и Сесветиот Бог, тогаш можеме да ги подражаваме и светиите. Тие со својата светост и совети нѐ раководат и ни покажуваат како да се воздигнеме и просветиме. Нашата света Црква преку своето учење нѐ повикува да се искачиме на повисоко скалило кое достигнува до Небото.

Сепак, вие трудете се да го следите секој добар пример, не само од светите отци и она што го читаме во Библијата, туку и од вашите професори, како и нашиот многу почитуван ректор, митрополитот Агатангел, кој неуморно се грижи за нашата Богословија и со своите молитви нѐ поткрепува да истраеме во предизвиците. Бидејќи знаете како вели светиот апостол Павле: „Помнете ги и вашите наставници што ви го проповедаа Словото Божјо, и подражавајте ја верата нивна“ (Евр. 13, 7). Тоа не значи дека треба да се подражаваат учителите во некој невообичаен и извонреден подвиг, или пак, во правење чуда, како што правеле Божјите угодници, туку во нивната вера, како што бара Словото Божјо. А тоа е да ја чуваме чистотата на правата вера во Триипостасниот Бог во нашето срце и верата во Единородниот Син Божји, Господ Исус Христос, онаква вера која ни е предадена од апостолите и од светите отци и да ја сочуваме од лажните учители. Да ги слушаме нашите наставници и преку нивните совети да ја чуваме секогаш нашата вера, а таа да биде жива и да донесува добри плодови преку правење на добри дела кои се угодни  на Бога. Со таква вера и со такви дела ние ќе бидеме подражавачи на нашите учители и светители.

Почитувани, да му се обратиме денес, со искрена и чиста молитва на нашиот патрон, светиот Климент Охридски, да испроси од Бога за нас, мирна и спокојна учебна година, та да се збогатиме со повеќе знаења. Да се помолиме и на Семилостивиот Бог, да ни ја испрати благодатта на Светиот Дух, да ја утврди нашата вера, да ги загрее нашите срца, па правејќи добри дела и однесувајќи се примерно, да го заслужиме името православни христијани и да се наречеме достојни чеда Божји. Само на тој начин можеме да се здобиеме со вечен и блажен живот. Амин!

 

 

отец Антонио Апостолоски

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: