Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„На кимвалите од нашите чисти усни, музички и со светло срце, со доброгласна труба и висока мисла, во овој особен и избран ден на преселувањето на Чистата Дева, со ритамот на нашите раце, да запееме: Најпрославен Боже на татковците, и наш, благословен си“ (песна од канонот на Утрена на Успение на Пресвета Богородица).   На 28.08.2021 година, денот кога го прославуваме споменот кога Пресветата Владичица Богородица, Мајката Божја, и нашата топла и постојана застапничка пред Престолот на нејзиниот Син и наш Бог, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Сашо Богданоски, протоерејот Љупчо Симиџиоски, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Васил Михајлоски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

„На кимвалите од нашите чисти усни, музички и со светло срце, со доброгласна труба и висока мисла, во овој особен и избран ден на преселувањето на Чистата Дева, со ритамот на нашите раце, да запееме: Најпрославен Боже на татковците, и наш, благословен си“ (песна од канонот на Утрена на Успение на Пресвета Богородица).

 

На 28.08.2021 година, денот кога го прославуваме споменот кога Пресветата Владичица Богородица, Мајката Божја, и нашата топла и постојана застапничка пред Престолот на нејзиниот Син и наш Бог, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Сашо Богданоски, протоерејот Љупчо Симиџиоски, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Васил Михајлоски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Денот кога Мајката Божја како Пречиста се издигнала од оваа грешна земја во небесните живеалишта постанал сенароден празник на Црквата Христова. Разбирливо е зошто торжествувал горниот свет на чистите духови за јавувањето на својата Царица. Но, се поставува прашањето: Зошто ликувале и земните луѓе? Може да се каже дека тие без неа останале сираци во бедите и соблазните на овој свет. Од неа се разделиле и светите апостоли, а заедно со нив и сите христијани. Но, тие торжествуваат зашто во неа нашле таква помошница и застапница во небесното царство на која ѝ нема рамни ни меѓу небесните војски.


Успението на Богородица е втор празник во Христовата Црква по Христовото воскресение. Не случајно овој празник се нарекува и Богородична Пасха. Тоа било втора победа над смртта и адот. Но, оваа победа не ја извојувал Богочовекот од небото, туку земната Дева, почиста и посовршена од сите луѓе, но сепак една од нас земните. Таа е пресветата Дева која е највозвишениот претставник на човечкиот род. Успението на Богородица се случило во навечерието на нејзиното воскресение, односно преобразување на нејзиното земно тело. Ова се случило по благоволението на нејзиниот божествен Син. Црквата десет дена го воспева успението на Мајката Божја, прекрасно и со божествена слава, насладувајќи ги срцата на верниците со песните за неа. Навистина, никој и никогаш меѓу праведниците не бил овенчан со такво величање како Богородица. Нејзиното успение е пропратено со бројни чуда и многу пројави на силата Господова. Прекрасен е Бог, прекрасна е Марија од нејзиното зачнување па сѐ до крајот! Затоа Господ Исус Христос при Своите крстни страдања ја остава Својата Мајка на свети Јован Богослов со зборовите: „еве ти Мајка" (Јн. 19, 27). Со тоа, преку овој Христов ученик кој е посинет, всушност се случува посинување на целиот човечки род. Како што некогаш го негувала Богомладенецот во лулката, така и по вознесението, таа ги утешува сите Негови верни последователи, односно сите христијани.


Свети Дионисиј Ареопагит во едно свое видение сведочи за силата и моќта на Пресвета Богородица: „Јас несомнено зборувам како пред Бога, дека само севишниот Бог може да поседува такво исполнение на божествена сила и да дава прекрасна благодат. Но, човечкиот ум не може да го согледа тоа онака како што јас со свои очи ја видов Мајката на Господа Исуса Христа, преблагословена и преисполнета со светост, со која ги надминува сите небесни ангели и светии. Никаква слава и чест човечка не може да се спореди со славата Божја, со тоа блаженство во кое јас се удостоив како недостоен да ја видам Мајката Божја".


Првите луѓе Адам и Ева не го послушале својот Создател и со тоа ја измениле судбината на човечкиот род, а преку тоа го посеале гревот. Како плата за тоа ја добиле смртта. Како искупител од првородниот грев се јавил новиот Адам – Господ Исус Христос, Кој бил непоколебливо послушен на Бога Отецот до крст, страдања и смрт. Но, и новата Ева ја чувала верноста на послушност кон Севишниот и покрај сите тешкотии до крајот на нејзиниот живот. На пресвета Дева и е туѓа секоја соблазна, а нејзиниот Син ја скршил змиската глава со Својата пета со сила и мажествено. Тоа се случило преку спасителната искупителна жртва што ја примил Господ Исус Христос за спасение на човечкиот род.


Сељубивиот Спасител ја украсил кончината на Богородица со прекрасни чуда и ја преобразил нејзината смрт во светлоносен празник. Господ ги скршил вратите на адот и силата на смртта е одземена, па токму затоа овој настан се нарекува успение, а не смрт.


Да се обратиме кон Мајката Божја за таа да всади во нашите срца и души од својата чистота и светост. Така и ние да се исчистиме од секаква скверност, та да го прославиме нејзиното успение како верни нејзини синови и ќерки. Амин!


Успение на Богородица
Храм „Пресвета Богородица Каменско", Охрид
28.08.2021 год.

 

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: