Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Преку молитвенте бдеења си примил сила против непријателот, отче Јоакиме, а со своето трпение си се искачил на небесата. Кога го остави распадливиот земен живот, се пресели во нераспадливоста. Затоа те прославуваме“ (кондак на Утрена на преп. Јоаким Осоговски).   На 29.08.2021 година, во Десеттата недела по Педесетница и на празникот на Неракотворниот образ на Господ Исус Христос и на преп. Јоаким Осоговски, во храмот „Св. Петар и Павле“ во с. Мешеишта, Охрид, беше остлужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Александар Димоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. На самиот крај, парохискиот свештеник Александар Димоски, во името на црковниот одбор од Мешеишта, му подари на Митрополитот Тимотеј прекрасна икона од св. ап. Тимотеј.

„Преку молитвенте бдеења си примил сила против непријателот, отче Јоакиме, а со своето трпение си се искачил на небесата. Кога го остави распадливиот земен живот, се пресели во нераспадливоста. Затоа те прославуваме“ (кондак на Утрена на преп. Јоаким Осоговски).

 

На 29.08.2021 година, во Десеттата недела по Педесетница и на празникот на Неракотворниот образ на Господ Исус Христос и на преп. Јоаким Осоговски, во храмот „Св. Петар и Павле“ во с. Мешеишта, Охрид, беше остлужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Александар Димоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. На самиот крај, парохискиот свештеник Александар Димоски, во името на црковниот одбор од Мешеишта, му подари на Митрополитот Тимотеј прекрасна икона од св. ап. Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Во оваа недела, светото Евангелие ни раскажува за чудотворното дејство на Господа Исуса Христа над лошите духови. Ова Евангелие посебно е актуелно во денешното време исполнето со злоба и завист – време во кое ѓаволот шета по целиот свет. Според сведоштвата на светите отци, ѓаволот му пристапил на свети Антониј Велики, а светителот го прашал: „Зошто седиш на оградата и мавташ со нозете?" Ѓаволот му одговорил: „Јас сработив сѐ што беше потребно. Ги разделив и скарав браќата помеѓу себе. Сега тие самите војуваат еден против друг, а мене не ми останува ништо друго освен да се радувам на злобата која ја посеав по светот". Па да се запрашаме и ние: дали и денес не се случува нешто слично во светот?


Ние гледаме и знаеме дека за ангелите храна е нашиот добродетелен живот – живот кој преку пост и молитва и љубов кон Бога и ближните го има за цел исполнувањето на заповедите Божји. Сето тоа се јавува како противно дејство на делувањето на лукавиот и го менува нашиот живот кон добро. Попрецизно, кога луѓето си завидуваат еден на друг, кога се мразат, тие го уништуваат својот живот кој им е даден од Бога. Кога војуваат помеѓу себе, тие отпаѓаат од Црквата. Токму на тоа укажува и познатата римска поговорка: Подели па владеј. Лошиот ангел го разделува човечкиот род и владее со него, зашто неговата злоба нема граници. Токму за тоа ни раскажува и денешното Евангелско четиво: „пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена и рече: Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нов месец го фаќа бес и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода..." (Мт. 17, 14-15).


Овој несреќен родител го довел пред Христа својот син кој при нов месец паѓал во вода и во оган. Претходно тој го беше довел пред апостолите, но тие не можеле да го излекуваат. Тој тоа Му го кажал на Христа не со цел да ги навреди апостолите, туку од своето искрено срце, сакајќи да каже дека сега дошол кај Христос како кај Семоќен. Се поставува прашањето: зошто апостолите не можеле да го излекуваат момчето, кога Господ им беше дал власт над нечистите духови – да можат да ги изгонуваат и да лекуваат секаква немоќ и болест? Но, во овој момент тие немале доволно вера за да го изгонат нечистиот дух. Апостолите се посомневале во својата сила и во тоа дека можат да го изгонат овој демон. Токму тој недостаток на вера бил причина за нивниот неуспех, согласно со зборовите на Спасителот. Евангелистот сведочи: „Исус им рече: Заради вашето неверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: ‚Премести се одовде таму?' и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно" (Мт. 17, 20).


Значењето на зборовите на Господ Исус Христос се состои во тоа дека и најмалата вера кога е силна, непоколеблива и искрена има огромна сила и може да твори необични дела кои изгледаат невозможни. Како што е познато, од мало семе изникнува големо дрво. Токму таква сила се наоѓа во верата кога е искрена и вистинска. Затоа Христос ја поздравува искрената вера. Таа израснува и се возвеличува, постанувајќи чудотворна, односно способна да ја прими благодатта Божја.


Така и таткото на бесомачното момче дошол кај Спасителот со сосема мала вера. Со болката која му ја предизвикувало искушението, тој се обратил кон Христа со зборовите: „Ако можеш сожали се на нас и помогни ни" (Мк. 9, 22). Овие збортови се израз на маловерие. „А Исус му рече: Ако можеш да поверуваш? Сѐ е можно за оној што верува! И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи рече: Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!" (Мк. 9, 23-24). Зборовите на Господа како што се гледа послужиле за покајание на таткото, а неговите солзи ја изразиле неговата внатрешна состојба. Тука гледаме дека само верата може да прави чуда. Сила да правиме чуда ни дава Бог за кого сѐ е возможно, а верата е доволна за Бога, кој според силата на оваа вера ни дарува секаква моќ.


Господ Исус Христос како човекољубив Бог се сожалил на страдалното момче и изразил срдечно чувство на огорченост. Тој не се возбудил пред тешкотиите и страдањето на овој млад човек туку поради отсуството на силна вера што се јавило како пречка за изгонување на нечистиот дух. Господ, во дадениот случај, не се разгневил на луѓето туку на нивните пороци. Тој укажал со кои средства може да се изгони овој дух и затоа рекол: „ Ако можеш да поверуваш? Сѐ е можно за оној што верува!" Тој му заповедал на нечистиот дух и демонот излегол од момчето.


И ние да се обратиме кон нашиот Спасител, да ја всади во нас силната и непоколеблива вера за да одиме по Него како вистински Негови следбеници. Да се почитуваме еден со друг, да твориме добри дела и така да го оправдаме името христијанско. По молитвите на свети Јоаким Осоговски, чиј спомен денес го празнуваме, Бог да ги услиши нашите молитви. Амин!


Свети Јоаким Осоговски
Храм „Св. Петар и Павле" Мешеишта, Охрид
29.08.2021 год.

 

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: