Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

Што не е јасно?

Што не е јасно? (04.09.2021 15:47)

Ја знаеме сите заповедта Божја: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7, 12). И тука нема ништо нејасно. Освен, ако некој е безбожник. Карактеристичен пример за тоа како не треба, а како треба да се однесуваме, ќе видиме во денешното eвангелие.

„Затоа Царството небесно прилега на цар, кој побарал да ја расчисти сметката со своите слуги. Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа при него еден што му должеше десет илјади таланти; па, бидејќи немаше со што да плати, господарот негов нареди да го продадат него, и жена му, и децата негови, и сè што имаше, за да наплати. Тогаш тој слуга падна пред него на колена и му се клањаше говорејќи: ’Господаре, стрпи се спрема мене и сè ќе ти платам‘. А господарот на тој слуга, кога се смилува, го пушти и му го прости долгот.“

Согласно горенаведениот пример се однесуваме кон надредените кога сме во прашање ние и нашите интереси – себељубиво и сервилно.

„Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто динарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: ’Исплати ми што ми должиш!‘ Тогаш неговиот другар падна ничкум пред нозете негови, го молеше и велеше: ’Стрпи се спрема мене и сè ќе ти исплатам!‘ Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, дури не му го исплати долгот.“

Согласно горенаведениот пример се однесуваме кога се во прашање другите луѓе – посебно подредените, не само безмилосно, туку и свирепо; во тоа спаѓа и непомагањето...

Но, и Бог и ангелите небесни гледаат што точно ние правиме.

„Другарите, пак, негови, кога го видоа тоа што стана, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сè што се случи. Тогаш господарот негов го повика и рече: ’Лукав слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше; не требаше ли и ти да се смилиш над својот другар, како што се смилив и јас над тебе?‘“

Ова прашање – „не требаше ли и јас да се смилувам“, треба да си го поставиме самите на себе секогаш кога ќе се најдеме во таква ситуација и треба правилно да постапиме; оти ако дојде време Господ да ни го постави – најверојатно многу ќе пострадаме.

„И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот свој долг. Така и Мојот Отец Небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на братот свој.“

Страдањето ќе си го предизвикаме самите откако ќе ја отфрлиме, преку сторениот грев, Божјата благодат, а не Бог. Тоа што е напишано – дека Бог ќе ни го направи, е само педагошки пристап кон „робовите“ и „наемниците“; да можат нешто малку и тие од Евангелието да сфатат.

Никогаш не треба да губиме предвид колкави должници сме Му на Бог; и поради сите дарови што постојано ги добиваме од Него и поради сите гревови со кои Му возвраќаме и грешиме; би биле многу помилостиви кон нашите должници или кон оние што страдаат и бараат или очекуваат помош од нас. Непомагањето на страдалниците е пасивна социопатија.

Самољубието е постојано барање од Бог и ближните; и истовремено затворање кон нив. Љубовта е благодарење, т.е. давање и отворање. Љубовта не може да се имитира. Полнота на нашето давање и отворање кон Бог и кон нашите ближни, и обратно, е Светата Евхаристија, т.е. Светото Благодарење на Црквата и причестувањето со Телото и Крвта Христови.

Синовите ги читаат зборовите: „го пушти и му го прости долгот“, и плачат од умиление. Затоа што, тоа е и нивната вистина. И, затоа што и тие така прават; и точно знаат што тоа значи.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: