Весникар - најнови статии

Весникар - најчитани статии

„Оној Кој некогаш ја затвори бездната, сега мртов се гледа и, завиткан во смирна и плаштаница, Бесмртниот како смртен во гроб се полага; а жените, плачејќи горчливо, дојдоа да Го помазат со миро, викајќи: Оваа сабота е најблагословена, зашто во неа Христос, заспан, по три дена ќе воскресне“ (кондак на Утрена на Велика Сабота).   На 30.04.2021 година, на Велики Петок навечер, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј чиноначалствуваше на Утрената богослужба, на која беа со погребалните статии беше прославено опелото на Христа, Кој за нас и нашето спасение толку многу се понизи што дозволи да биде измачуван, распнат на Крст, па дури и да биде погребан. На Митрополитот Тимотеј му сослужуваа протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

„Оној Кој некогаш ја затвори бездната, сега мртов се гледа и, завиткан во смирна и плаштаница, Бесмртниот како смртен во гроб се полага; а жените, плачејќи горчливо, дојдоа да Го помазат со миро, викајќи: Оваа сабота е најблагословена, зашто во неа Христос, заспан, по три дена ќе воскресне“ (кондак на Утрена на Велика Сабота).

 

На 30.04.2021 година, на Велики Петок навечер, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј чиноначалствуваше на Утрената богослужба, на која беа со погребалните статии беше прославено опелото на Христа, Кој за нас и нашето спасение толку многу се понизи што дозволи да биде измачуван, распнат на Крст, па дури и да биде погребан. На Митрополитот Тимотеј му сослужуваа протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

„Еве Го Јагнето Божјо, кое ги зема гревовите на светот врз Себе" (Јн. 1, 29).

Денеска е распнат Спасителот! Божествената љубов е поставена на посрамување и потсмев. Божественото милосрдие е приковано на дрво. Од божествената убавина истекува крв. Која жива душа нема да се трогне од таквата глетка? Еве, страшен ден! Сонцето потемнело, земјата се тресела, камењата се распаѓале. Дури и мртвите ги напуштиле своите гробови. Страшно е да си претставиме нешто слично! Но, уште пострашно е да го прифатиме сознанието дека секој од нас носи вина за страдањето и смртта на Синот Божји. Да, секој од нас го вплетел својот збор во нечесните зборови на предавникот Јуда. Секој од нас принесол удар со зборовите и Го заковал Спасителот со железните клинци и секој истурил по некоја капка горчина во чашата на Неговите страдања. Крстната жртва ги опфатила со себе не само оние кои поминале низ овој живот, туку и идните генерации. Распнатиот страдал за искупување на гревовите на сите поколенија кои биле и ќе бидат до крајот на векот. Исус Христос е распнат за сите нас, кои сѐ уште се валкаме со нашите гревови. Како да ги опишеме сега страшните крстни страдања на Спасителот? Во тие мигови на страдања, пречистото тело на Спасителот истовремено го растргнувале сите мачења што може да ги измисли човечката злоба. Неговото тело било подеднакво немоќно како и нашето. Но, што да кажеме за сељубивата душа на Исуса Христа? Собирајќи ги во една рана, Господ жалел со душевни маки за сите живи и за оние кои ќе живеат во иднина. Ронел солзи за сите мајки и татковци. Во Своето срце ја собрал погибелта на сите синови и ќерки човечки. Затоа и извикал: „Душата Моја е смртно нажалена" (Мт. 26, 38). Кога изнемоштело Неговото тело од мачењето на крстот, Синот Божји извикал: „Жеден сум". Кога завршиле и последните душевни сили, Богочовекот извикал со уште пострашен восклик: „Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?" (Мт. 27, 46).

Синот Божји се принесе Себеси како жртва за гревовите на луѓето. Бог Отецот бил Оној Кој Го жртвувал Синот за спасение на паднатиот човечки род. Страдајќи на крстот, Христос ги поминал мрачните врати на смртта. Луѓето со сопствените сили не биле во можност да го извршат подвигот на искупувањето. Затоа Бог го направил тоа за нив. Таква е безграничната љубов кон нас на семилостивото триипостасно Божество.

На крстот умрел Бог, а под него, огорчена и озлобена викала толпата. Навистина омразата е својствена на паднатата човечка природа, која се храни од туѓите страдања. Убијци на Спасителот не биле само лицемерните фарисеи, користољубивиот Јуда и малодушниот Пилат. Во нечуеното злосторство и богоубиство соучествувале и обичните минувачи и љубопитните луѓе кои се придружиле кон ова злодело со своите повици и барања да биде распнат (Лк. 23, 23). Но, дали и ние не се уподобуваме на убијците на Господа Исуса Христа? Дали не сме слични на лукавите фарисеи, кога ги клеветиме нашите ближни? Дали не сме така лоши како предавникот Јуда, кога за пари во себе го предаваме она што е најсвето? Дали не сме слични на Пилат, кога од страв за својата положба, кариера и сл., не стануваме јавно против несправедливоста?

Ако сакаме да го очистиме срцето и достојно да го носиме светото име на христијаните, треба од нас да ги искорениме сите пороци. Да се загледаме во нашите срца и души и да видиме дали таму ќе најдеме совршена љубов, каква што ни покажа распнатиот Спасител. Тежок е патот на немилосрдните и недостојните за Божјата милост. Но, токму во тоа наше сознание за сопствената гревовност се наоѓа и нашето спасение. Во себе да најдеме сила за да се украсиме со братољубието и како благоразумниот разбојник со чисто срце да повикаме: „Спомни си за мене Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!" Амин.

 

Велики Петок - вечер

Манастир „Свети Климент и Пантелејмон", Плаошник, Охрид

30.04.2021 год.

 

Original Link...


Tags: None
0 comments
Report        

Read On: