Но вие (ЦРКВАТА; Новозаветниот Народ Божји; Заедницата на Христовите ученици) сте:
избран род, царско свештенство (свештенство/ сведоци на Царството Божјо), свет народ, луѓе придобиени за да ги возвестите совршенствата на Оној Кој ве повикал од темнина
во Својата чудесна светлина; вие, кои некогаш не бевте народ, а сега сте народ Божји - (Црква); кои не бевте помилувани, а сега сте помилувани.
(од првото послание на апостол Петар. 2, 9 - 10)
ДА ЖИВЕЕМЕ ЗАЕДНО КАКО ЦРКВА
Проект за проучување, практикување и сведочење на Вистината откриена од нашиот единствен Господ, Учител и Спасител Исус Христос
Цел на проектот:
Создавање на услови да се проучува, практикува и сведочи Вистината Христова, а се со цел да им се помогне на сите заинтересирани да научат да живеат и да се спасуваат како Црква - Тело Христово/ Новозаветен народ Божји.
Смисла на проектот:
Основната и единствената смисла на Проектот „Да живееме заедно како Црква“ е да се поттикне потребата и сознанието на современите ортодоксни (православни/ правоверни) христијани да започнат да живеат и да се спасуваат како Црква, односно, како ЗАЕДНИЦА на Христови ученици, како духовно СЕМЕЈСТВО на личности кои чекорат по ПАТОТ на спасението и во овој отпаднат, но преку Месијата – спасен свет – се подготвуваат за вечноста во Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Поттикот да се живее како Црква доаѓа од соочувањето со духовната реалност во која осознаваме дека денес да се живее во Црквата – како Црква - како Заедница на Новозаветниот народ Божји / Тело Христово – е неопходна потреба за да се сочува вистинската смисла и мисија на Христовата Црква во овој свет. Без осознавање на оваа потреба, солта ја губи силата, љубовта оладува, а беззаконието се зголемува. И затоа Месијата со векови нé предупредува: „Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.
По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе.“ (Јован. 13. 34 - 35)
Активности преку кои се спроведува Проектот:
1. Организирање на духовни средби, предавања и работилници на кои посетителите се запознаваат со основите на православната христијанска вера и духовност;
2. Задлабочено проучување на историјата, содржината и толкувањето на Светото Писмо/ Библијата;
3. Организирање на средби и активности кои се посветени на младата генерација и создавање на православно христијанско младинско движење;
4. Организирање на кратки поуки/ курсеви преку кои кандидатите за крштевање и венчавање се запознаваат со суштината на Светата Тајна во која треба да учествуваат, а се со цел да знаат што примаат во неа и каков треба да биде нивниот живот по неа;
5. Подготвување на носачи на информации, во печатена и дигитална форма, а со цел истите да помогнат за поголема информираност на оние кои се заинтересирани да се запознаат со Вистината Христова;
6. „Ако имаш – во име Христово – даj му на тој што нема“ - милосрдна активност на Проектот која вклучува помош на сиромашни семејства, повеќедетни семејства, болни, стари и бездомни лица.
Што очекуваме од спроведување на проектот:
1. Осведочени верници со Вистината Христова и нивно вклучување во спасителниот живот на Црквата Христова, преку нивно евангелизирање и воцрковување – воведување во животот на црковната заедница;
2. влијание во општеството со сведочење – преку личниот, семејниот и црковниот живот - на вистинските и од Бога откриени вредности на постоењето (вистина, солидарност, заедништво, взаемна помош, верност, одговорност, чесност, духовност, творештво, љубов, радост...)
3. намалување на духовната и социјална беда;
4. помалку болести на зависност (наркоманија, алкохолизам, пушење...)
5. помалку разводи, а повеќе благословени христијански семејства;
6. помалку абортуси, а повеќе родени деца;
7. помалку криминал, а повеќе честитост;
8. помалку суеверие, окултизам и духовен примитивизам/ немање црковна – литургиска култура, односно, искоренување на неблагословени пракси и обичаи кои се во директна спротивставеност со духот на заповедите Божји;
9. помалку насилство, фанатизам и исклучивост од секој вид,
10. младина со критериум и насоченост
11. македонско евангелизирано демократско општество со благослов, вредности и визија.
Кој го спроведува проектот?
Проектот има свое Управно и Извршно Тело составено од свештенослужители и членови на М.П.Ц. - Охридска архиепископија.
Ова Тело делува и со помош на многумина наши браќа и сестри, кои волонтираат во активностите на Проектот.
Седиштето на Проектот е во просториите на Црковната Општина „Св. В – мч. Георгиј“ - Чаир. Телефон за контакт: 2622 – 455.
Раководител на проектот:
презвитер Ивица Тодоров
тел: 070 380 817;
e - mail: ivicatodor@yahoo.com;
facebook: ivica todorov
facebook grupa – da ziveeme zaedno kako crkva
Координатор на проектот:
Ирена Стоименова
тел: 072 204 233
е - mail: irest72@hotmail.com
Login with a social network